Breaking News

Тренчевска:  Шведските искуства се позитивен пример за подобар пристап во заштитата на жените од насилство


Делегацијата на Република Северна Македонија предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денеска во Шведска го посети Националниот центар за знаење за насилството на мажите врз жените на Универзитетот во Упсала.


Како што информираат од МТСП, Центарот се состои од единици за истражување, обука и образование и комуникација.


Преку нивната работа ги поддржуваат агенциите и Владата во нивната работа и спроведуваат обуки за студенти на ова прашање.

Нивниот пристап во работата е интердисциплинарен формиран низ призмата на медицината, правото, социологијата, криминологијата, психологијата, родовите студии, јавното здравје и политичките науки.


Посетата, како што соопшти МТСП, имаше за цел да ги продлабочи познавања за методите и начините на истражување и обуки со цел подобар пристап во заштитата на жените од насилство.

Претставниците од Центарот ја запознале нашата делегација со функционирањето на линиите за пријавување на насилството и за информирањето на жртвите од насилство за начините на насилства.


-Тие посочија дека изминатата година биле услужени 44 678 лица преку линијата од страна на професионалци.

Она што го истакнаа претставниците беше дека вакви линии има достапни како за жените така и за мажите.


Исто така тема на дискусија беше и менталното здравје на жените и поголемата застапеност на анксиозност и депресија кај жените кои имаат претрпено насилство отколку кај жените кои никогаш не биле соочени со таков предизвик, се наведува во соопштението од МТСП.

Особено акцент бил ставен на последиците после насилството и актите на насилство кои ги трпат жените по излегување од врските.

-Како такви беа посочени економското насилство, говорот на омраза, психичкото насилство и демнењето.

 Во фокус на дискусијата беше и унапредувањето на технологијата и начините на насилство кои  се зачестени во поновото време, се додава во соопштението.

Студиската посета со поддршката на UN Women преку проектот „Советодавни услуги за администрацијата на Република Северна Македонија на централно ниво за интегрирање на родовата еднаквост“ има за цел да ги зајакне капацитетите на институциите во однос на прашањето за родовата еднаквост.

дма/са/Фото: МТСП    .

Извор: МИА