Breaking News

Трамп нема да учествува ниту на втората дебата на Републиканците


Поранешниот американски претседател Доналд Трамп планира да одржи говор во Детроит на 27 септември пред членови на синдикатите, што значи дека ќе ја прескокне и втората претседателска дебата на Републиканците.


Ова го соопшти еден од соработниците на Трамп и додаде дека ќе се обрати пред синдикално организираните работници во автомобилската индустрија.


Се очекува говорот, во ударен термин, да биде одржан пред работниците во автоиндустријата и другите членови на синдикатот.

Говорот доаѓа кога Трамп остро ја критикуваше политиката на претседателот Џо Бајден за електричните возила и ги повика авто-работниците да ја поддржат неговата кандидатура.


Ова би можело да биде вторпат Трамп да ја прескокнува претседателската дебата на републиканците, во трка во која, и покрај безброј правни проблеми, Трамп води пред својот најблизок ривал со речиси 50 процентни поени, покажуваат најновите анкети.

Говорот на Трамп сигнализира напор на неговиот тим да погледне подалеку од партиската трка за номинација во Белата куќа и на веројатниот реванш со Бајден на општите избори следниот ноември.


Говорот пред членовите на синдикатот ќе биде дел од интензивната кампања на Трамп за враќање на дел од гласачите од работничката класа кои пребегнаа кај Бајден при неговата победа против Трамп во 2020 година.

ссм/фото: ЕПА .


Извор: МИА