Трајковски: СОС Детско село згрижува 180 дечиња, имаме 86 згрижувачки семејства


СОС Детско село – Македонија згрижува 180 дечиња и имаме 86 згрижувачки семејства, изјави за МИА, претседателот на Управниот одбор, Александар Трајковски, на годишниот настан за доделување признание на најголемите донатори и поддржувачи за 2023 година.


Покровител на настанот беше Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државава, Стево Пендаровски.


Таа пред присутните рече дека импресивна е листата на сите стопански субјекти, институции, индивидуи, коишто долгорочно ги препознаваат активностите на СОС Детско село и несебично ја нудат својата поддршка.

-Резултатите коишто СОС Детско село ги постигнува при грижата за децата во ризик и нивната поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца, како и преку реализирање програми за социјална превенција, несомнено се темелат и на сесрдната поддршка на пријателите и поддржувачите.


Впрочем, сите сме дел од едно семејство во коешто се грижиме за сите членови подеднакво, солидарни и хумани, грижливи и благородни. Посакувам ова семејство да се шири и да расте, истакна Ѓоргиевска.

Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо се осврна на постигнатите резултати во 2023 година и на новите проекти и иницијативи годинава.


– Во 2023 помогнавме на повеќе од 700 деца, млади, родители и згрижувачи.

Триста осумдесет и шест деца и нивните родители го продолжија заедничкиот живот со зајакнати вештини за родителство и подобрени услови за грижа на децата.


Осумдесет и шест згрижувачки семејства секојдневно ги поддржуваме за да можат да ја дадат најдобрата верзија од себе како родители згрижувачи.

Двесте дваесет и три деца и млади без родителска грижа, растат во топол дом и грижливо семејство исполнети со љубов и сигурност.

Седумдесет и четири млади во социјален ризик завршија обуки за животни вештини, вработливост и кариерно советување.

Дел се стекнаа и со прво работно искуство преку практиканска работа или се вработија и започнаа самостојно да придонесуваат во општеството, рече Гапо.

 Таа информираше дека обезбедиле 27 нови згрижувачки семејства.

– Подготвивме програма за специјализирано згрижување бидејќи увидовме дека се зголемува бројот на барања за прием и на деца со попреченост.

Обезбедивме обуки за згрижувачи и професионалци од центрите за социјална работа и лобиравме за системски принцип во работата со деца и млади кои претрпеле големи трауми, бидејќи во последниве години навистина имаме големи показатели за тоа дека голем дел од децата имаат трауматични искуства во нивното минато и за да можат да продолжат да живеат како здрави индивидуи, треба голема професионална поддршка и влог од сите засегнати страни, подвлече таа пред присутните.

Заменичката на амбасадорот на Австрија во државава, Барбара Грубер потсети дека СОС Детско село е формирано во 1949 од младиот австриски медицински студент – Херман Гмајнер.

– Денес СОС поддржува деца и млади луѓе без родителска грижа или со ризик дека ќе ја загубат, во 138 земји. Од 2002 е и во Република Северна Македонија, додаде Грубер.

бд/ац/Линк до фотогалеријатаФото: МИА  .

Извор: МИА