Breaking News

Трајковски: Секој кој применува нечесни трговски практики, ќе биде санкциониран


Директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски денеска во објава на Фејсбук напиша дека Инспекторатот нема да го чека утрешниот ден, односно прекинувањето на важноста на мерката за гарантирани цени и најави дека инспекторите и денеска ќе излезат на терен.


– Никој не е над законот, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран, а во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период, вели Трајковски во објавата.


Нагласува дека вршат надзори во сите големи маркети на цела територија на државава, по сите закони по кои постапува Пазарниот инспекторат.

-Во изминатиот период, Пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача и не дозволивме никој да применува нечесни трговски практики и да не ги почитува антикризните мерки, напиша Трајковски.


Тој апелира и до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните.

Мерката за гарантирани цени на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините,. . .


,  дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото од утре повеќе нема да важи.

Институциите веќе најавија засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите, со оглед дека законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се амортизира состојбата, се уште не е изгласан.


 Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера порача дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни.

Тој повика да реагираат Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи и повтори дека најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.

нд/бак/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА