Breaking News

Територијата околу концертната сала „Крокус“ кај Москва се уште е опколена


Територијата околу концертната сала „Крокус“ во Красногорск кај Москва, каде што синоќа беше извршен терористичкиот акт, се уште е опколена, јавија денеска руските медиуми.


Областа во која се наоѓа концертната сала е оградена од полиција, а во близина на зградата се стационирани неколку противпожарни возила. Внатре работат спасувачи и истражители.


Луѓето почнаа да положуваат цвеќе на местото на терористичкиот напад.

Според прелиминарните податоци, повеќе од 60 луѓе загинаа во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва, а бројот на жртви може да се зголеми, објавено е на каналот Телеграм на Рускиот истражен комитет.


Бројот на ранети во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва се зголеми на 145, соопшти синоќа Министерството за здравство на Московската област.

Неидентификувани маскирани вооружени лица синоќа отворија оган во концертна сала во Красногорск, територија во непосредна близина на главниот град Москва.


Нападот се случил во Крокус Сити Хол во Красногорск, административниот центар на московската област, за време на концерт.

Двајца од осомничените за нападот се приведени, напиша на Телеграм рускиот пратеник Александар Хинштајн. рп/Фото: ЕПА  .


Извор: МИА