Техеран го обвинува Нетанјаху дека се заканува со напад со нуклеарно оружје


– Иран го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека во обраќањето пред Генералното собрание на ОН минатата недела се заканувал дека ќе употреби нуклеарно оружје против земјата.


Како доказ за таквото тврдење беше наведена реченица за која кабинетот на Нетанјаху веднаш демантираше дека е погрешно прочитана.


Амбасадорот на Иран во ОН, Амир Саид Ираван, испрати писмо до генералниот секретар на ОН, претседателите на Генералното собрание и Советот за безбедност во кое изрази „силна осуда“ за обраќањето на Нетанјаху, објави денеска официјалната новинска агенција ИРНА.

Во писмото, амбасадорот оценува дека „заканата на премиерот на израелскиот режим да употреби нуклеарно оружје против Иран е алармантна и сериозна“.


Нетанјаху во говорот посвети значителен дел на иранската нуклеарна закана и поддршката на Техеран за тероризмот и индиректно ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден и западните земји во врска со нуклеарното прашање, јавија израелските медиуми.

– Пред осум години, западните сили ветија дека ќе ги обноват санкциите доколку Иран го прекрши нуклеарниот договор. Па, Иран го прекршува договорот, но санкциите не се обновени.


За да се запрат нуклеарните амбиции на Иран, таа политика мора да се промени.

Санкциите мора да се обноват, рече Нетанјаху, кој силно се спротивстави на нуклеарниот договор на големите сили со Иран од 2015 година.


– И пред сè, Иран мора да се соочи со кредибилна нуклеарна закана.

Сè додека сум премиер на Израел, ќе направам сè што е во моја моќ да го спречам Иран да добие нуклеарно оружје, додаде израелскиот лидер.

Кабинетот на Нетанјаху набргу по говорот објави соопштение во кое вели дека погрешно ја прочитал реченицата и имал намера да каже „кредибилна воена закана“, фраза што често ја користел.

Тоа го одразува неговото верување дека само комбинација на санкции и закана од воена интервенција може да го одврати Иран да продолжи да ја развива својата програма за нуклеарно оружје.

Официјалниот текст на говорот на Нетанјаху, исто така, беше објавен набргу по неговото обраќање и е достапен во PDF формат на веб-страницата на Советот за безбедност на ОН.

Во него се вели „веродостојна воена закана“.

И покрај ваквото објаснување, амбасадорот Иравани напиша дека Нетанјаху „директно се заканил дека ќе употреби нуклеарно оружје против независна земја-членка на ОН“, објавија израелските медиуми.

„Имајќи предвид дека нуклеарното оружје е закана за постоењето на човештвото и планетата, сериозноста на таквата закана е неспоредлива и ќе предизвика голем шок во меѓународната заедница, особено кога таквата закана доаѓа од веродостоен форум“, напиша амбасадорот.

Тој го критикуваше Израел, кој никогаш не потврди или негираше дека поседува нуклеарно оружје, затоа што не се приклучува кон меѓународните договори кои имаат за цел да го спречат ширењето на таквото оружје.

Покрај тоа, тој апелираше за „остар одговор од меѓународната заедница“ на говорот на Нетанјаху и неговото писмо да биде објавено како документ на Советот за безбедност. јт/Фото: МИА архива .

Извор: МИА