Breaking News

Тахири: Партијата на Курти е во паника од уставноста, подобро ѝ е да се откаже од корупцијата


– Шефот на пратеничката група на најголемата парламентарна опозициска партија во Косово, Демократската партија на Косово, Абељард Тахири, одговарајќи на владејачката партија Движење самопределување (ВВ) за денешните обвинувања на сметка на опозицијата за испраќањето на законите во Уставниот суд, рече дека „власта е во паника од уставноста и законитоста“, јави дописникот на МИА од Приштина.


Преку својата страница на Фејсбук, Тахири ѝ порача на партијата на премиерот Албин Курти, „наместо да ѝ држи предавања на опозицијата. . . да се откаже од патот на коруптивното и штетно владеење“.


– Самоопределување, откако доживеа неуспеси во владеењето во овие три години, почна да држи празни предавања како да се стане опозиција.

На оние кои практикуваа опозиција со чад и пламен, со камења и солзавец, не им се допаѓа нашата опозиција на следење на институционалните патишта, нашата опозиција која ги испраќа нивните наопаки одлуки до Уставниот суд.


Се плашат од уставност и законитост, па ги фаќа паника.

Наместо да ѝ држи предавања на опозицијата, ВВ треба да се откаже од патот на коруптивно и штетно владеење, чии последици денес ги гледаме со инфлацијата и осиромашувањето на граѓаните, а утре ќе ги видиме уште појасно со масовниот егзодус на граѓаните поради нивните лошо владеење, напиша Тахири.


Претходно денеска, ВВ објави список на закони кои се укинати и испратени до Уставниот суд од опозицијата, обвинувајќи ја истата дека „продолжува да го користи Уставниот суд за заштита на заробената држава и за заштита на моќниците во економијата и приватизацијата“.

Само во последните осум месеци Уставниот суд укина три закони на Владата, кои беа оспорени од опозицијата, а под уставна ревизија се уште пет други.


Во целост беа укинати Законот за привремени мерки на основните производи во посебни случаи на дестабилизација на пазарот и Законот за Советот на обвинители, а делумно е укинат Законот за јавни службеници.

иа/ссм/ .

Извор: МИА