Breaking News

„Светот не би имал живот без боите“ – активност на тетовските училишта по повод Меѓународниот ден на аутизмот


Општина Тетово во соработка со сите општински училишта денеска на градскиот плоштад организираше активност по повод Меѓународниот ден на аутизмот, под мотото „Светот не би имал живот без боите“.


Учениците изработуваа цртежи и други ликовни творби со цел да се подигне свеста за аутизмот.


– Сакаме да потенцираме дека овој ден е важен за да покажеме дека сите сме различни на некој начин и тие различности не прават еднакви.

Сите деца без разлика дали се аутистични или не работат заедно, креираат заедно за да покажеме дека секој на свој начин може да придонесе во друштвото, ако им се даде можност.


Од овој настан ги повикувам сите институции за да правиме заедно повеќе за оваа категорија на овие наши граѓани за да им дадеме можност утре кога ќе пораснат да бидат важен дел на нашето општество, изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Според тетовскиот градоначалник, во тетовските училишта недостигаат околу 30 лица кои би работеле во професионалната служба како психолози, педагози или дефектолози.


Касами тврди дека тие како општина барале, но дека Министерството за образование и наука не одговорило за такви вработувања во училиштата.

– Го повикувам, во овој случај Министерството за образование и наука за посериозно да ја сфати нашата порака, нашето барање за ангажирање на професионален кадар по основните и средните училишта и тоа да не го гледа како обично вработување.


Затоа што професионалниот кадар во училиштата е важен за правилен развој на нашите деца.

Во тој случај ние како општина иако сме со лимитирани буџетски средства сме подготвени да учествуваме во кофинансирање на овие вработувања и ангажмани затоа што ги цениме дека се едни од најважните во целиот образовен процес на основно и средно ниво.

Едноставно немаат одговор од Министерството за образование, изјави Касами.

Градоначалникот информираше дека преку Советот на Општина Тетово побарале, но биле одбиени за кофинансирање на вработувањата, а причина е тоа што само Министерството има законска надлежност за такви работни места.

aс/мд/фото: МИА    .

Извор: МИА