Breaking News

Судски совет во контрола на Струшкиот суд за да ги провери наводите за градоначалникот Рамиз Мерко


Судскиот совет ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе направи контрола за да ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка, Анџела Агелер, кои вчера соопштија дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е ставен на црната листа на личности на САД поради сомневања дека се мешал во судски постапки.


-Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на овој Суд, за да може на лице место да направи контрола, вели портпаролката на Судски совет, Гордана Дувњак.


Таа информира дека во текот на минатата и оваа година имало 15 претставки од граѓани на Струга за работата на Струшкиот суд, додека Судскиот совет водел две постапки за судии од овој суд.

-Но, напоменувам дека во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките, истакнува Дувњак.


Премиерот Димитар Ковачевски денеска претходно изјави дека ставањето на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко на црната листа на САД, потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт.

Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски денеска од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.


Во врска со ова вицепремиерката Славица Грковска, пак, напиша дека пораките од меѓународните сојузници мора да бидат разбрани од домашните правосудни органи.

-Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи.


Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда, порача вицепремиерката Грковска на Фејсбук.

Американската амбасадорка Агелер најави и нови имиња на листата покрај градоначалникот Рамиз Мерко, но не откри за кои лица се работи, само кажа дека се во процес на разгледување.

дма/ац/ Фото:МИА архива  .

Извор: МИА