Breaking News

Судски совет ќе ја продолжи соработката со ИСППИ и Виста за спроведување на психолошките и тестовите за интегритет


Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната 445 седница  донесе одлука да се склучи анекс договор со веќе постојните институции, односно со Институтот за социолошки и политичко правни истражување ИСППИ и Виста, за спроведување на психолошките и тестовите за интегритет.


Одлуката, следува по денеска добиената информација од Владата, преку Министерството за правда по однос на психолошките и тестовите за интегритет, во кое се препорачува Судскиот совет да продолжи со постојните тела и институции со кои ги спроведува овие тестови до 2022 година, се додека друга институција или тело не добие акредитација.


Весна Дамева, рече дека е добро што Владата по два месеци одговори, но дека јавноста треба да знае дека никој не го блокирал овој процес, затоа што Судскиот совет доставил информација до Владата и се чекало два месеци да се произнесе.

 – Судскиот совет не беше виновен за ситуацијата, изјави Дамева, посочувајќи дека ќе гласа „против“.


Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, како и членовите Селим Адеми, Ивица Николовски, Лорета Георгиева и Мери Радевска, посочија дека со оглед на добиената информација од Владата нема пречка за потпишување анекс договори за продолжување на договорите со двете постојни тела, со кои досега се правеле тестовите.

Одлуката за прифаќање на препораката и потпишување анекс договори за продолжување на договорите, Судскиот совет ја донесе со седум гласа “за” и еден „против“. аа/ац/Фото: МИА .


Извор: МИА