Breaking News

Стопанската комора почнува соработка со УГД Штип, предвидена поддршка за компаниите да го усвојат принципот на циркуларна економија


Стопанската комора почнува конкретна соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип во делот на зелената и циркуларната економија.


Преку овој проект компаниите ќе може да ги користат лабораториите, истражувачката инфраструктура на Универзитетот, како и научните и стручните експертизи за меѓународните стандарди за заштита на животната средина.


-Почнуваме со поддршка на компаниите во воведувањето на концептот на циркуларна економија и креирање нови, иновативни производи со реупотреба на материјали и имплементирање стандарди за заштита на животната средина, рече претседателот на Комората Бранко Азески.

Според ректорот на УГД Дејан Мираковски, проектот циркуларна и зелена економија е финансиран во рамки на Програмата за колаборативни проекти на Министерството за економија.


-Целта е да изградиме платформа за долгорочна соработка меѓу науката и бизнисот токму во делот на новите трендови како циркуларната и зелената економија и да обезbедиме поддршка за имплементација на овие решенија во домашната индустрија, истакна ректорот.

Предвидено е да се формираат два меѓусебно поврзани центри – бизнис центар во Комората и научно-истражуачки центар во рамки на УГД.


Организирани ќе бидат и технички обуки за фирмите како поддршка да воведат поголема заштита на животната средина.

Стопанската комора веќе почна серија разговори со државните универзитети и работи на платформи и прoграми за соработка, со цел, како што рече Азески, науката да се стави во функција на бизнисот.


мч/лв/фото: Стопанска комора .

Извор: МИА