Breaking News

Средношколците од здравстената струка од „Ѓорче Петров” Крива Паланка на практична настава во „Диаверум”


Учениците од здравствената струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров” Крива Паланка ќе можат да изведуваат практична настава во современиот Центар за дијализа  „ Диаверум”, откако двете институции потпишаа договор за соработка.


– Оваа соработка ќе придонесе кон усовршување, развој и  оспособување на учениците кои се стремат да бидат успешни медицински лица.


„Диаверум” е најнова во листата здравствени установи од приватниот сектор со која училиштето потпишува меморандум за соработка, а нашите ученици од здравствената струка изведуваат практична настава и во јавната здравствена установа „Димитар Арсов”, Крива Паланка.

Постојано сме во комуникација со сите институции и компании што можат да придонесат за поквалитетно практично усовршување на учениците од стручните паралелки и во пресрет на претстојните уписи во училиштето на идните средношколци им нудиме одлични услови за настава и надградба на знаењата, рече директорката на СОУ „Ѓорче Петров”, Елена Ѓоргиевска.


Менаџерот на клиниката „Диаверум” во Куманово и Крива Паланка, Фросина Ефремовска, посочи дека како општествено одговорна компанија, покрај својата основна дејност -дијализа, нефролошки амбуланти и грижа за своите пациенти и вработени, „Диаверум” постојано спроведува различни активности за подигнување на свеста на луѓето за сопственото здравје, пред сѐ бубрежното, како и превенција и едукација, служејќи се со своите компетенции.

-Во контекст на подигнување на свеста на луѓето за здравјето, прес сѐ бубрежното, откако бев поставена за одговорно лице во „Диаверум” – Крива Паланка, меѓу другото,  отпочнавме со различни соработки со локалната заедница.


Една од нив е и потпишувањето на меморандумот за соработка со СОУ „Ѓорче Петров”.

Со директорката најдовме заеднички цели и идеи и се одлучивме да пристапиме кон реализација на дел од планираните активности.


Заедно со учениците од медицинската струка ќе работиме на надоградба на знаењата и отворање нови можности за нив.

За нас соработката е можност да го пренесеме нашиот концепт на идните здравствени работници , а тоа е концепт на вистинска грижа и високо ниво на медицинска нега.

За училиштето ова подразбира непосредна можност за едукација, пракса и поблиску запознавање на работата во еден современ дијализен центар, но и важноста на едукацијата, превенцијата и подигнување на свеста за здравјето, рече Ефремовска.

 За учениците од медицинска струка веќе беше организирана посета на дијализниот центар во Куманово каде ментор од „Диаверум” одржал едукативна работилница, а учениците одблиску се запознале со работата на центарот и имале можност да изведат некои чекори од постапките за нега.

 – Со училиштето имаме многу планови за реализација, како: практична настава во дијализниот центар, подготовка на заеднички едукативни настани, проекти за нашите пациенти, соработка со Здружение за дијабетес и друго.

Пријатно сум изненадена од интересот и енергијата на учениците, директорката и професорите за ваков тип на соработка.

Учениците се прекрасни млади луѓе, полни со ентузијазам, желба за учење и напредок, што за мене лично носи надеж дека во иднина ќе израснат во вистински професионалци кои ќе се грижат за нашето здравје, но и ќе ја подигнат свеста за превенција, додаде Ефремовска.

Компанијата има потпишано и Меморандум за соработка со  Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија што значи и на ова поле се планирани неколку активности во градот, а секогаш се отворени за иницијативи и соработки што носат придонес во локалната заедница и општеството генерално.

ид/лв/  .

Извор: МИА