Breaking News

Средба на Тошковски и Буши со амбасадорката на Германија


Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши денеска оствариле работна средба со aмбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, соопштија од МВР.


На средбата, министерот Тошковски ја запознал амбасадорката Дрекслер за начинот на функционирање на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема улога и одговорност во спроведувањето на изборите што претстојат.


Во таа насока ги претставил приоритетите за остварување на заедничката цел – фер и демократски избори.

– Во тој контекст, министерот Тошковски истакна дека неприфаќањето од страна на Владата во рамки на поставувањето на 15 раководни работници во Министерството, да постави началник на СВР Тетово, останува црна дамка која се коси со неговата улога да гарантира фер и демократски безбеден процес во тој регион на надлежност, се наведува во соопштението.


Министерот Тошковски ги образложил преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи, ја образложил потребата од итно носење на измени во Законот за патни исправи по примерот на оној со возачките дозволи во делот на запазување на техничките рокови со цел навремено спроведување на потребните процедури за набавка на патни исправи и почитување на меѓународното право и основното човеково право на слободата на движење.

На средбата, се додава во соопштението, амбасадорката Дрекслер изразила загриженост за големиот број македонски државјани кои не поседуваат нови патни исправи, а кои се на привремена работа во Германија.


– Оваа категорија луѓе доколку одлучат да се вратат назад со цел вадење нова патна исправа и доколку не успеат навремено да ја извадат заради техничката неможност во моментов, тие не би можеле да се вратат назад во СР Германија со старата патна исправа.

За ова прашање, министерот Тошковски повторно истакна дека во моментов единственото решение е носењето на измените Законот за патни исправи, се подвлекува во соопштението од МВР.


Соговорниците, како што се вели во соопштението, оставиле простор и за потврдување на заложбите за интензивирање на меѓусебната соработка особено во борбата со организираниот криминал, а министерот Тошковски се заблагодарил за досегашната соработка и големиот број донации и обуки за Министерството за внатрешни работи и за граничната полиција.

цр/бак/Фото: МВР .

Извор: МИА