Breaking News

Средба на Мерко со претставници на црквата и полицијата за организирање на Струшката литија


Во Струга владее многу пријатна атмосфера, како никогаш досега бидејќи нашите граѓани не прават никакви етнички или верски разлики меѓу себе, нема никакви проблеми и се надеваме дека ќе биде вака.


Тоа го изјави градоначалникот Рамис Мерко по средбата со претставници од црквата „Свети Георгиј“ и Полициската станица во Струга, на која биле прецизирани детали за организирање на Струшката литија, што традиционално ќе се одржи на 7 мај.


За време на еордијата, струшката полиција ќе спроведе посебен сообраќаен режим.

– Полициската станица од Струга презема активности за што подобро одвивање на оваа верска манифестација, пред се за регулирање на патниот сообраќај, како за возилата, така и за пешаците, преку посебен режим во патниот сообраќај, за некои од главните улиците на градот.


Секако тука спаѓа и обезбедувањето јавен ред и мир, потенцираше командирот на Полициската станица од Струга, Абдулкерим Камбери.

Сенародната струшка еордија (литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец”, неговата чудотворна икона и Крнинската чудотворна икона на Богородица, традиционално ќе се одржи на 7 мај низ улиците во Струга.


– Оваа традиционална прослава на православните верници од Струга, секоја година станува се поголема и поатрактивна, затоа сме среќни, истакна отец Васко Голабоски од црквата „Свети Георгиј“.

Фото: МИА архива  Извор: МИА.