Breaking News

Советот на НБ: Промени кај задолжителната резерва заради натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење


Советот на Народната банка, на вчерашната редовна седница, ја усвоил одлуката за задолжителна резерва, што предвидува сет од сеопфатни мерки главно насочени кон натамошна поддршка на процесот на денаризација во банкарскиот сектор и зголемување на долгорочното штедење во банкарскиот систем, соопштија денеска од Кабинетот на гувернерот.


Воедно, мерките овозможуваат и поедноставување, модернизација и усогласување на системот на задолжителна резерва со поставеноста во еврозоната.


Во согласност со одлуката, сите обврски на банките во домашна валута со рочност над две години, како и денарските депозити на населението орочени над една година се ослободени од обврската за исполнување на задолжителната резерва, односно на нив ќе се применува стапка на задолжителна резерва од 0 проценти.

За обврските со рочност над две години во странска валута, банките ќе имаат обврска да издвојуваат задолжителна резерва по стапка од 5 проценти.


 Новите мерки, како што стои во соопштението, предвидуваат и постепено нормализирање на стапката на задолжителна резерва за краткорочните денарски обврски на преткризното ниво од 2022 година.

Така, во првата фаза од јуни 2024 година, оваа стапка, од тековните 5 проценти ќе се зголеми на 6,5 проценти и дополнително на 8 проценти во втората фаза, почнувајќи од јули 2024 година.


За сите краткорочни обврски во странска валута и натаму важи стапката од 21 процент.

 – Се очекува дека овие промени ќе придонесат за приспособување на каматните политики на банките заради зголемување на понудата на попривлечни долгорочни денарски инструменти за штедење на клиентите.


Со тоа, дополнително ќе се зајакнат тековните поволни поместувања во депозитната база на банките, коишто водат кон зголемување на структурното учество на штедењето во денари и на подолг рок,се подвлекува во соопштението од Народната банка на Република Северна Македонија.

 Додаваат дека со новата одлука банките ќе имаат можност и за повисока флексибилност при управувањето со девизната ликвидност, со оглед на зголемувањето на делот од задолжителната резерва во евра, што банките го исполнуваат на просечна основа, од 10 на 15 проценти.

Покрај тоа, стои во соопштението, со измените се предвидува еднаков третман на обврските со девизна клаузула така што стапката од 100 проценти ќе се применува за сите обврски независно од рочноста и клиентите на банките и штедилниците.

Со цел да се постави единствена рамка и примена на исти услови за сите институции кои прибираат депозити и придонесуваат во трансмисијата на монетарните сигнали преку кредитната активност, со одлуката, се посочува, се изедначуваат и стапките на задолжителна резерва за банките и штедилниците.

– Најголемиот дел од мерките ќе се применуваат од периодот на задолжителна резерва којшто започнува во јуни, се вели во соопштението од Народна банка.

 Задолжителната резерва е инструмент на монетарната политика на Народната банка којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка, во согласност со обврските коишто ги имаат преземено.

Преку задолжителната резерва се управува со ликвидноста и краткорочните каматни стапки на пазарите на пари.

Од 2009 година, Народната банка посилно се потпира на системот на задолжителната резерва за поттикнување на денаризацијата.

Советот на Народната банка на седницата разгледал и други материјали поврзани со работата на централната банка. цр/са/Фото: Народна банка на Република Северна Македонија.    .

Извор: МИА