Breaking News

Состанок во Министерството за финансии во рамки на финансиско-економскиот дијалог со ЕУ


Во Министерството за финансии денеска е одржан состанок меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министри од повеќе ресори и претставници на Европската комисија.


Состанокот е во рамки на финансиско-економскиот дијалог со ЕУ, во чии рамки се подготвува Програмата за економски реформи и се носат заеднички заклучоци во Советот на ЕУ во мај секоја година.


Тоа е процес, којшто земјава со ЕУ го спроведува во континуитет девет години и во кој се утврдуваат препораки и мерки за остварување на поставените приоритети, а го координира Министерството за финансии.

– Целта на оваа средба, како и на дијалогот воопшто, е заеднички да се дојде до предлози за препораки што ќе помогнат во остварување на приоритетите на нашата земја за зголемување на економскиот раст во 2023 година. Дискусијата ќе биде важен чекор во подготовката на овогодинешниот Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, каде во мај 2023 година заеднички ќе се усвојат новите насоки за земјата, велат од Министерството за финансии.


Владата на почетокот на овој месец ја усвои Програмата за економски реформи 2023-2025 година, која е деветта по ред и во која се содржани клучните секторски структурни реформи на кои треба да се работи во наредните две години со цел зголемување на конкуреноста и растот на економијата.

– Тоа е континуиран процес што се спроведува заедно со ЕУ, а во земјава го координира Министерството за финансии. Во рамки на Финансиско-економскиот дијалог се подготви Програмата за економски реформи, која содржи среднорочна макроекономска и фискална рамка, како и 19 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Значајно е дека таа е изработена и е компатибилна со Програмата за работа на Владата за 2020-2024 година, Ревидираната фискална стратегија за периодот 2023-2025 (со изгледи до 2027), Ревидирана стратегија за управување со јавниот долг 2023-2025 (со изгледи до 2027) и Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, како и останатите национални стратешки документи, што ја покажува нашата определба за вклучување во европското семејство, нагласил министерот Бесими.


Во однос на реформите што Министерството за финансии планира да ги преземе оваа година, Бесими посочил дека поради влијанието од кризата, ќе продолжи фискалната поддршка за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.

– Ќе продолжиме со отпочнатиот процес на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, со истовремено поттикнување на инвестициите со цел поддршка на растот. Имплементација на новиот Закон за буџети, како значајна реформа во јавните финансии, спроведување на пакетот реформи во даночната политика, кој претставува воспоставување современ даночен систем кој се заснова на праведност, правичност, ефикасност и дигитализација на процесите, борба со неформалната економија и слично, нагласил Бесими, посочувајќи и на реформите во финансискиот сектор.


Министерот изразил благодарност за поддршката од ЕУ, којашто е обезбедена за земјата преку грант од 80 милиони евра и маркофинаснсиска поддршка од 100 милиони евра.

Од страна на претставниците на ЕК, како што се информира Министерството за финансии, бил даден осврт на спроведувањето на заедничките заклучоци од ПЕР во делот на структурните политики во областа на зелената транзиција, дигиталната трансформација, подобрувањето на деловното окружување и намалувањето на неформалната економија. бак/лв/