Состанок на бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан во Скопје


Во организација на Коморскиот инвестициски форум денеска во Скопје ќе се одржи состанок на бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан, која обезбедува структуриран и континуиран дијалог помеѓу бизнис заедницата од регионот, претставена преку Бизнис Советот на КИФ и креаторите на политики од Европската унија.


Претставници од ЕУ и различните директорати, регионалните институции кои работат на економската агенда во регионот и претставници на бизнис-секторот ќе дискутираат за прашањата кои се клучни за приватниот сектор од аспект на унапредување на интра-регионалната соработка, но и подобро подготвување на компаниите од регионот да се приклучат кон единствениот пазар на ЕУ.


Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ваквиот дијалог ќе придонесе за расчистување на административните, регулативните и техничките прашања релевантни за компаниите од регионот на Западен Балкан, но и придонесува приватниот сектор од регионот подобро да го разбере функционирањето на единствениот пазар на ЕУ и acquis кон кој компаниите од регионот ќе треба да го приспособат своето работење.

Најавени се и изјави за медиумите на Лулзим Рафуна, претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Косово и Бранко Азески, ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.лв/мд/


Скопје, 30 март 2023 (МИА)