Собранието работи без доволен број пратеници за гласање по предлози од три седници


– Собранието денеска работи без доволен број пратеници и за предлог-законите што беа на дневен ред на трите последователни седници (138, 135 и 95) ќе се гласа дополнително.


Кворум имаше само за изгласување на Предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Обединетите нации (УНИФИЛ) во Либан, која беше прва точка од првата од трите седници.


 Од дневниот ред на 138-та седница,  завршена е општата расправа, но ќе се гласа дополнително за Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациска сигурност, двата по скратена постапка, додека за Предлог- законот за дополнување на Законот за државното правобранителство, по скратена постапка, беше соопштено дека е повлечен од Владата.

 Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери и граѓани за Законот за служба во Армијата рече дека се заокружува долготрајна и макотрпна работа и се исправа неправда кон дел од безбедносните структури.


Смета дека некои од нив ќе останат незадоволни поради тоа што се уште има предлози кои, рече, од непознати причини не се разгледуваат, како што е откуп на станови за припадници на полицијата.

 Во врска со Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациска сигурност, пратеничката  Бети Рабаџиевска-Наумовска од СДСМ појасни дека се уредува контролата над сите извори на јонизирачко зрачење и заштита на населението и подобра и строга контрола на радиоактивен отпад.


Со него се предвидува Институтот за јавно здравје да биде национален оператор за склад на радиоактивен отпад.

Во рамки на 135-тата седница беа ставени за дискусија и дополнително треба да се гласа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, и Предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2024 година.


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски укажа на пропуст од  Министерството за информатичко општество и администрација во однос на исплатата на повеќе средства за ААВМУ и за МРТ што им следуваат законски и соопшти дека е одбиен нивниот амандман средствата од МИОА да бидат вкалкулирарни во буџетот на соодветна институција за наредната година.

-Со оглед дека по закон не им префрла, се јавуваат оперативни загуби во овие институции.

Доколку не направиме интервенција во МИОА, овие две институции ќе имаат загуби во нивното работење, рече Стојановски.

 Во рамки на 95-тата седница, пак, беа разгледани две точки од дневниот ред за чие усвојување ќе треба дополнително да се гласа – Финансиски план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2023 година  и Посебен извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања – Локални избори за избор на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, градоначалник на Центар Жупа и Совет на Општина Тетово во 2022 година.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата  и најави дека ќе продолжат со работа во 13:30 часот. хс/бак/ Фото: принтскрин .

Извор: МИА