Breaking News

Собранието донесе одлука за избор на членови и заменици на Советот на Собранискиот канал


Со 94 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против, на денешната 135.


собраниска седница, пратениците ја усвоија Предлог-одлуката за избор на претседател, члeнови и заменици-членови на Советот на Собранискиот канал.


Советот, во кој соодветно се застапени пратеници од владејачките и од опозициските партии е составен од 11 членови и исто толку заменици.

Како што соопшти собраниската прес-служба, за членови на Советот на Собранискиот канал се избрани, Фаница Николова, Даниела Николова, Дарко Каевски, Санела Шкриељ, Арбер Адеми, Ремзи Мемеди, Никола Мицевски, Владо Мисајловски, Бојан Стојановски и Сафије Садики – Шаини.


За нивни заменици се избрани Лазе Таневски, Жаклина Лазаревска, Даниела Колева, Ненад Коциќ, Вјолца Адеми, Атнан Незири, Дафина Стојановска, Ели Панова, Игор Здравковски и Фадил Зендели.

Советот наскоро на седница ќе ја усвои Програмата на Собранискиот канал и финансиските и инвестициски документи.


Со Собраниското студио и со изборот на Советот на Собранискиот канал се поставува нов стандард во парламентарната транспарентност, со што законодавните процеси се доближуваат до граѓаните.

Собранието преку Програмата за парламентарна поддршка ги подобри капацитетите на Собранискиот ТВ канал и преку почетна финансиска поддршка за ангажирање на седум нови вработени.


Проширувањето на капацитетите не само што претставува инвестиција во најсовремено студио и во опрема за продукција на програма, туку ја покажува и посветеноста на Собранието за поефективно комуницирање со граѓаните преку различни дигитални медиумски канали, вклучително и платформи за социјални медиуми.

нд/ев/ .

Извор: МИА