Breaking News

Сите го дишеме истиот воздух затоа сите треба да знаеме како да придонесеме кон намалување на загадувањето


Зимските месеци и грејната сезона е и сезона на загадување на воздухот. Греењето на домаќинствата се најголемиот извор на загадување на воздухот. Повеќе истражувања спроведени за квалитетот на воздухот што се спроведуваат во последнава декада и тоа од разни инстанции и институции, како МЖССП, УНДП, Град Скопје и научни студии, покажуваат дека загревањето на домаќинствата е најголемиот извор на цврсти честички. Овие заклучоци се изведени според анализа на хемискиот состав, минералниот состав како и концентратот на честичките, и тоа во дневни и сезонски варијации на загадувачките компоненти. Сето тоа покажува дека кулминацијата на високо загадување, многу над нормалата и над граничните вредности на цврсти честички, има само во зимските месеци и тоа со почеток на грејната сезона.


„Моментално на територијата на целата држава, урбаните и руралните средини, согорувањето на биомасата или огревното дрво, е најчест извор на загревање на домовите. Од последните анализи за коишто и ние како Еко свест имаме достапни информации, се покажува дека најголем дел од емисиите на загадување на воздухот доаѓаат токму од биомасата, односно високиот процент на домаќинства коишто ги загреваат своите домови со огревно дрво. Освен огревното дрво се согорува и нафта и мазут, најмногу заради нискиот животен стандард на граѓаните и не знаењето на штетните влијанија врз здравјето од согорувањето разни несоодветни материјали. Граѓаните горат и материјали како пластика, обоено дрво и обоена хартија, што се најштетни и најмногу го загадуваат воздухот. Затоа е исклучително важна зелената транзиција, затоа што во сеопфатноста на целиот процес се вклучени и институциите и со нивната одговорност и обврска за предводење на овој процес и граѓаните и нивната едукација, информирање и почитување на препораките произлезени од зелената транзиција“, вели Давор Пехчевски од Еко свест, Центарот за истражување на квалитетот на воздухот.


Зелената транзиција на земјата треба да започне со спроведување на зелената агенда која е дел од претпристапните преговори за влез во ЕУ и подразбира декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, заштита на природата и одржливо земјоделство.

„Општото познавање кај јавноста за сите овие процеси е многу мало, па затоа го фрламе ѓубрето насекаде и користиме се што може да гори, за да се загрееме. Но, институциите се тие кои треба да ги започнат системските промени и да овозможат примената на конкретни мерки и акции. Се започнува од тоа, граѓаните да знаат дека треба да селектираат пластика, хартија, стакло, а институциите да им обезбедат каде да го прават тоа. Потребна е голема поддршка од државата за промена на начинот на загревање на домовите преку субвенционирање на домаќинствата во тој транзициски период кон обновливи извори на енергија. На крајот институциите треба да ги убедат граѓаните дека отпадот што ќе го селектираат ќе се реупотреби или нема да заврши на депонија и дека сето тоа е за општо добро, за нивното здравје и здравјето на нивните деца“, потенцира Пехчевски од Еко-свест.


Согорувањето разни материјали во овој период има најголемо влијание врз квалитетот на воздухот. За да го зачуваат здравјето и животната средина, граѓаните треба да знаат дека
горењето несоодветни материјали е опасно за здравјето и животната средина. Користењето материјали како пластика, обоено дрво и хартија може да произведе штетни супстанци кои влијаат на квалитетот на воздухот во домаќинството. Да не се гори ни отпад како пластика, стар мебел, дрвени палети, органско ѓубре и други несоодветни материјали затоа што неговото согорување може да создаде многу штетни емисии коишто пред се влијаат по здравјето на граѓаните, предизвикувајќи кардиоваскуларни и респираторни проблеми. Ако веќе мора да се греат со согорување, тогаш препорачливо е да се користи необработено дрво.