Breaking News

Шапс: Велика Британија мора да ги зголеми своите воени расходи на три отсто од БДП


Британскиот секретар за одбрана Грант Шапс повика да се зголемат воените трошоци на земјата на три отсто од нејзиниот БДП за време на дебатата за британските вооружени сили, јави ДПА.


За време на неговата посета на Полска, Шапс повика овие три отсто да бидат вклучени како цел во изборниот манифест на неговата владејачка Конзервативна партија, додавајќи дека тој лично сака „поголем буџет“.


Според весникот „Дејли мејл“, Шапс повикал и на реформи во воената регрутација, вклучително и отстранување на некои медицински услови за прием во вооружените сили и укинување на забраната за војниците да имаат брада.

-Одбраната е најдобриот начин да се заштитиме од воен конфликт. Тоа мора да им го покажеме на нашите противници. Затоа ја поддржувам целта од три отсто.


Живееме во поопасен свет, Путин напредува на линијата на фронтот, рече Шапс.

Студијата на британскиот Кралски институт за Одбранбени истражувања во 2022 година сугерираше дека зголемувањето на трошоците за одбрана на три отсто од БДП до 2030 година, како што беше предложено од тогашната влада на премиерката Лиз Трас, ќе бара дополнителни 157 милијарди фунти во следните осум години.


Повикот на Шапс следи по барањето на високи владини претставници веднаш да се зголемат трошоците за одбрана од 2,27 на 2,5 отсто.

Буџетот објавен минатата недела не предвидува нови средства за одбраната и покрај загриженоста за состојбата на британските вооружени сили и покрај посветеноста на владата да одвои 2,5 отсто од БДП за војската „штом тоа го дозволи економската ситуација“.


Одлуката наиде на критики од некои страни, вклучувајќи го и поранешниот началник на Генералштабот Лорд Стируп, кој во пред два дена предупреди дека „не е разумно“ големината на воените расходи да се темели на финансиската состојба, а не на заканите за националната безбедност.

сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА