Breaking News

Шаќири: Со самиот избор на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во животот


Со самиот избор за продолжување на образованието на ФЕИТ, сте ја направиле најголемата инвестиција во вашите животи.


Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на промоцијата на новата генерација дипломци и магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.


Како што се наведува во денешното соопштение на МОН, тој оцени дека токму овој млад и квалификуван кадар ќе даде голем придонес во развојот на државата и нејзиното меѓународно интегрирање од аспект на конкурентност на стопанството, знаењето и технологијата.

– Да се инвестира во знаење и образование е најсигурна и најисплатлива одлука.


Вие сте сега личности кои се стекнале со вештини и компетенции, подготвени стручно и професионално да се справуваат со предизвиците на новото време, смета министерот.

Кадар сте, додаде Шаќири, кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот, така што „сигурен сум дека ќе имате можности за добра заработка и за професионален и кариерен развој“.


– Верувам дека голем број матуранти ќе го следат вашиот пример и ова е добра прилика во пресрет на претстојните уписи во високо образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат да се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина, не само што ќе ги одржува, туку и континуирано ќе ги подигнува, стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно – истражувачка дејност, рече министерот.

Шаќири изрази благодарност до професорите и до сиот кадар кој работи на оваа високообразовна установа, потенцирајќи дека овие нови генерации и сите претходни кои веќе успешно работат во дејноста, се потврда за добро исполнетата образовна мисија.


бд/сп/Фото: Министерство за образование и наука .

Извор: МИА