Breaking News

Шаќири: На собраниска комисија се законски измени со кои ќе се овозможи системско образование на малолетниците во воспитно-поправните установи


Министерот за образование и наука Јетон Шаќири информираше дека до Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието се стигнати измените на Законот за основно образование, почнати во февруари годинава, со цел трајно решение за регулирање на формалното образование на малолетниците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи.


Посочи дека на предлог на МОН, Владата дала одобрение за измените и дека за нив ќе се дискутира идната недела во Собранието.


 -Решението е најдено да се формира државно основно училиште за потребите на тие деца да имаат настава, тоа решение е поздравено од сите страни, изјави Шаќири од Тетово каде го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“.

На  новинарско прашање министерот немаше одговор дали во програмата за реализација на инвестиции во 2023 година ќе има средства за централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ за каде повеќе години се најавува зголемување на просториите со доградба или нова градба.


 -Не знам во моментов дали гимназијата е внесена и дали за да биде внесена е доставена комплетна документација или нешто немаме од таа документација или немаме апликација.

Ќе ја проверам информацијата. Во Општина Тетово заедно можеме да реализираме инвестиции во делот на образование, порача Шаќири.


Тој најави дека ќе има реконструкција на регионалниот стручен центар „Моша Пијаде“ до крајот на 2024 година. ас/хс/Фото: МИА .

Извор: МИА