Северна Македонија претседава со ПСЈИЕ, адресирање на регионалните прашања и евроинтеграците


Поради својата сеопфатност Процесот за соработка во Југоисточна Европа  (ПСЈИЕ) претставува одлична платформа за политички дијалог, каде регионалните прашања може да бидат адресирани на највисоко ниво, а со тоа да се отвори патот за што поскора европска и евроатлантска интеграција на регионот во ЈИЕ, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција по повод почетокот со претседавање на нашата држава со ПСЈИЕ.


Мотото на претседателството е „Премостување поделби, градење доверба“, со вклучување на приоритетките за помирувањето, регионалната соработка и забрзување на евроатлантските интеграции.


Заради навремена, координирана и успешна подготовка и реализација на претседавањето, Владата ќе формира меѓуресорска работна група, која ќе ја раководи и координира МНР, и која ќе дефинира програма и календар на активности и ќе биде одговорна да ги спроведува во текот на едногодишното претседавање.

-Мојата цврста заложба, која ја промовирам и во својство на претседавач со ОБСЕ, е заеднички да отвориме пат на можности коишто ги нудат дијалогот, исчекорот во однос на минатото, и надминување на отворените прашања.


Северна Македонија веќе го предводи овој пат преку Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, Преспанскиот договор, како и решението за деблокирање на нашиот европристапен пат од минатиот јули, како доказ за нашата посветеност кон оваа оригинална европска кауза, рече Османи.

ПСЈИЕ, потсети, е основан 1996 година, и претставува најсеопфатен формат во регионот со оглед дека е единствениот Форум којшто го вклучува сите 13 држави од ЈИЕ: Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, СМакедонија,Романија, Србија,Турција, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Словенија, Косово.


Поголемиот дел се членки на НАТО, дел се членки на ЕУ, дел се кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ.

Еден од ретките процеси којшто има оперативно тело – Советот за регионална соработка со седиште во Сараево.


Северна Македонија претседавањето го презема паралелно со две други претседавања, ОБСЕ и Јадранската повелба, т. н.

А5, и како што рече Османи претставува голема чест, но не помалку и одговорност во која ги насочуваме сите капацитети на МНР.

-Регионот во моментов се соочува со три исклучително важни, одвоени, а сепак испреплетени процеси.

Едно е потребата од неодложива интеграција во ЕУ, за што можам да констатирам дека гледаме досега невидена динамика во ЕУ по однос на забрзување на овој процес, за што може да збориме понатаму.

Потоа комплексната геополитичка слика на европскиот континент поврзана со руската воена агресија во Украина и нерешените билатерални прашања во регионот.

Сите три елементи, директно влијаат врз динамиката на севкупните движења во регионот, рече Османи.

Во иницијалните размислувања за нашето претседавање, дополни министерот, сфативме дека и покрај тоа што регионот напредувал значително во смисла на политичката, економската соработка и интеграција, сепак актуелните предизвици, нерешените спорови во регионот, не враќаат на базичните принципи врз коишто е формиран Процесот за соработка во ЈИЕ и нејзината повелба од 2000 година: доборососедските односи, стабилноста, безбедноста и соработката како и тежнението за интеграција во евроатлантското семејство на слободни и демократски нации.

Сите овие елементи, потенцираше, се важни и применливи и денес.

Останати приоритети на нашето претседавање ќе бидат: Зајакнување на демократијата, фундаменталните права и вредности, владеење на правото, антикорупцијата, безбедноста и стабилноста, Почитување на меѓународниот поредок заснован на правила, Справувањето со предизвиците од климатските промени и поттикнување на зелен раст, Заедничко градење на трансевропски транспортни коридори, Одржлив развој во регионот преку поттикнување на трговијата, инвестирање во човечки капитал, зајакнување на конкурентноста во приватниот сектор итн, и Стимулирање на дигиталната трансформација фокусирана на човекот, развивање на дигитални вештини и забрзана дигитализација на индустријата и јавните услуги.

Шефот на дипломатијата е убеден дека ќе има плодна соработка со Советот за регионална соработка како оперативен орган на иницијативата и оти Претседавањето со ПСЈИЕ ќе биде можност за понатамошна афирмација на Северна Македонија.

Овој процес, појасни, одразбира организација на поголем број состаноци на политичко и експертско ниво.

МНР како координатор на активностите има обврска да ги организира состаноците на МНР, два министерски состаноци, состанок на тројката,  РССЕ, ЕК, како и да асистира во подготовка на Самитот на ниво на шефови на држави и влади којшто вообичаено е завршен настан на претседавањето.

Ресорните министерства и другите државни институции ќе бидат одговорни во рамки на својот делокруг, да предложат и да организираат состаноци, конференции на политичко ниво или експертско ниво, во согласност со дефинираните приоритети.

Парламентот исто така ќе има обврска да го организира Пленарното заседание на Парламентарното Собрание на ПСЈИЕ, и е надлежно за состаноците на комитетите.  бд/лв/Фото:МИА  .

Извор: МИА