Breaking News

Серија инциденти на земјоделските протести во Брисел


Група земјоделци кои учествуваат во денешните протести во Брисел организирани од белгиската валонска Обединета федерација на групите на земјоделци и фармери (ФУГЕА), успеаја да пробијат една од полициските блокади во центарот на градот и да се упатат кон плоштадот Шуман, каде што се наоѓаат зградите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, јави белгиската новинската агенција Белга.


 Според медиумските извештаи, демонстрантите со јајца ја гаѓале зградата „Лекс“ близу плоштадот Шуман, во која е сместена дел од администрацијата на ЕУ.


 На друга локација, земјоделците ги гаѓале припадниците на полициските сили со добиточен измет, петарди, портокали и шишиња, на што полицијата одговори со солзавец.  Близу метро станицата Малбек во т.

н. „европски кварт“ на Брисел група земјоделци поставија слама и тракторски гуми на улицата, кои потоа ги запалија, поради што полициските сили интервенираа со водени топови за гаснење на огнот.


 Засега нема информации за евентуално повредени лица при овие инциденти. „Соар“ јави дека земјоделците, во најголемиот дел од јужниот франкофонски белгиски регион Валонија, со речиси 1.

000 трактори од утрово ги блокираа улиците во „европски кварт“ на Брисел, предизвикувајќи проблеми и застои во сообраќајот, а дел од нив го запоседнаа и централниот бриселски плоштад Гран Плаз.


 Протестот се одржуваа во исто време со заседанието на министерскиот Совет за земјоделство и рибарство на ЕУ на кој главна тема е „потребата од итен и системски одговор на актуелните состојби во земјоделскиот сектор“.

  Од друга страна, здружението на фламанските земјоделци Земјоделска лига (ББ) се огради од протестите во Брисел.  – Протестите во Фландрија во последните недели секогаш беа мирни и безбедни.


Она што го гледаме денеска во Брисел е драстично спротивно на тоа. Ова не е наш начин на протест, изјави портпаролката на ББ Елизабет Мертенс.

 Целта на денешниот собир, како што најавија организаторите, е да се изрази незадоволство од „престрогите европски правила за животна средина, падот на приходите и неодамнешните одлуки на Европската комисија“, кои беа донесени како одговор на земјоделските протести во Брисел одржани на 1 февруари.

  Како реакција на протестите на земјоделците, Еврокомисијата предложи отстапувања од правилото воведено како дел од мерките за намалување на штетното влијание на земјоделството врз животната средина и климата кое превидува на четири отсто од обработливото земјиште на фармите поголеми од 10 хектари да бидат засадени трева, жива ограда или дрва, како и ограничување за увозот на живина, јајца и шеќер од Украина.

  Но, земјоделците бараат и замрзнување на одредбите од договорите за слободна трговија на ЕУ со трети земји во делот на увозот на земјоделските производи, запирање на преговорите за склучување договор за слободна трговија меѓу Унијата и државите од Јужноамериканскиот заеднички пазар (Меркосур) – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, како и утврдување на „силна заедничка земјоделска политика на блокот насочена кон поддршка на земјоделството“.

   Според земјоделците, договорот со Меркосур, кој е меѓу точките за расправа на денешниот состанок на министрите за земјоделство и рибарство на земјите членки на ЕУ во Брисел, ќе овозможи влез на евтини земјоделски производи на пазарот на Унијата на штета на европските фармери, па затоа и бараат прекин на преговорите за негово склучување.

 Земјоделските здруженија посочуваат дека овој договор ќе биде „погубен за западноевропските земјоделци, кои со години вложуваат големи напори за производство на еколошка, одржлива и безбедна храна“, бидејќи ќе ги стави под притисок своите производи да ги нудат за пониски цени.

 Организаторите на денешниот протест бараат и на земјоделците да им се гарантираат фер и стабилни цени, да се ублажат мерките поврзани со зелените стандарди, пред се они околу азотните ѓубрива, како и да им се обезбеди поддршка за имплементација на агроеколошките практики, посочувајќи дека овие прашања не се опфатени со предлозите на Европската комисија најавени по претходниот земјоделски протест во Брисел, кога земјоделците, пред се од Белегија, но и од неколку други европски земји, го блокираа градот со над 1.

000 трактори.  Претседателот на ФУГЕА, Тимоти Петел изјави дека нивно главно барање е достоинствени приходи за земјоделските производители.

  – Немаме друг избор освен да ги напуштиме политиките на слободна трговија и дерегулација на пазарот, изјави Петел за бриселскиот весник „Соар“.

 Според него, потребна е „силна акција за овие прашања“ од Европската комисија, бидејќи нејзините неодамнешни одлуки се „во голема мера недоволни“.

 Тој потенцира дека Еврокомисијата предложила „паузирање на одредени еколошки правила“, но дека земјоделците не го бараат тоа.

  – Секако тоа им е потребно на земјоделците, но не ги задоволува нашите приоритети за обезбедување правични цени.

Земјоделците стануваат се полути и полути, токму затоа што не гледаме конкретна акција за нашите барања.

Се додека не се преземат силни акции, особено за запирање на договорот ЕУ-Меркосур, ние нема да се смириме и ќе го одржуваме притисокот, додаде Петел.

 Од 6 часот утрово за сообраќај се затворени пристапните улици кон „европскиот кварт“ и четирите тунели што водат кон центарот на Брисел.

   Полиција уште синоќа предупреди дека блокадите би можеле да траат до доцните попладневни часови и им препорача на жителите на Брисел да не се движат со своите возила во правец на „европски кварт“ на градот и наместо тоа да го користат јавниот превоз.

  Бриселското јавен сообраќајно претпријатија СТИБ, меѓутоа, соопшти дека поради протестите во прекин се неколку трамвајски и автобуски линии, а затворени ќе бидат и двете метро станици во „европскиот кварт“.

 Во рамките на ЕУ со земјоделство се занимаваат околу 10 милиони лица, за чија поддршка од Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година се предвидени 386,6 милијарди евра, што претставува една третина од вкупната вредност на европскиот Буџет.

  Меѓутоа, според земјоделските здруженија, проблемот на е во висината на средствата предвидени со Буџетот, туку во „нерамномерната распределба на помошта за европските земјоделци“.

  Тие посочуваат дека дури 80 отсто од буџетските средства наменети за земјоделството завршуваат во големите агроиндустриски бизниси со кои се опфатени само 20 проценти од земјоделските производители, додека четири петтини од земјоделците, пред се оние со мали и средни семејни фарми, добиваат многу мал дел од финансискиот колач.

сп/Фото: ЕНР-Белга/МИА Архива   .

Извор: МИА