Breaking News

Седма изложба на макети, диорами и минијатури во Центар Јадро


Седмата изложба на макети, диорами и минијатури и четвртиот „Куп Скопје“ во организација на клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ ќе биде отворена денеска во Центар Јадро со почеток од 20 часот.


Публиката ќе може да погледне макети изработени од домашни и странски изложувачи и да проследи меѓународен натпревар по пластично макетарство на кој ќе учествуваат макетари од Србија, Грција и Турција.


Посетителите ќе имаат можност да видат макети изработени од меѓународно признати и наградувани автори, макети во разни категории и типови на воздухоплови, воена техника, научна фантастика, историски диорами, минијатури и слично.

 Покрај изложбата, во недела од 9 до 16 часот ќе се одржи натпревар на кој ќе бидат наградени макети во 20+ категории и затворање на изложбата.


 Специјална награда „Мајор Михајло Ивановски – Микс“- „Best of Luftwaffe“ – се доделува на најдобрата макета од било кој размер со ознаки на германското Luftwaffe од Втората Светска Војна ( во чест и сеќавање на Мајорот Михајло Ивановски -Микс) „Best of show” награда – се доделува на најдобрата макета на натпреварот.

Клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“  е основан од група ентузијасти кои првата самостојна изложба ја одржале во 2014 година во Скопје, а една година подоцна го основаат и клубот.


ар/лв/Фото: Центар Јадро  .

Извор: МИА