Breaking News

САД повторно воведуваат директни депортации во Венецуела


Американскиот претседател Џо Бајден донесе одлука со која повторно се воведуваат директни депортации во Венецуела на имигрантите со нерегулиран статус, објави Стејт департментот.


Властите во Каракас прифатија да ги примат своите протерани граѓани.


Венецуелската влада објави дека двете земји „склучиле договор кој овозможува организирано, безбедно и легално враќање на граѓаните на Венецуела од САД“.

Пред неколку години, Американците ги прекинаа директните летови со кои депортираа имигранти во земја зафатена од голема политичка, безбедносна и економска криза.


„Веќе ги идентификувавме лицата кои ги уапсивме и кои ќе бидат депортирани во наредните денови бидејќи не ги исполнуваат условите за легален престој во САД“, изјави во разговор со новинарите висок американски функционер, кој не сакаше да биде именуван.

– Оваа одлука покажува дека сме решени сите кои нелегално ја минуваат границата да сносат последици, рече тој.


Високиот функционер не сакаше да каже кога ќе полета првиот авион и не даде информации колку луѓе ќе бидат опфатени со одлуката.

Одлуката за депортации се однесува на Венецуелците кои влегле на територијата на САД по 31 јули. За оние кои пристигнале на американско тло пред тој датум, Вашингтон неодамна најави издавање на 500.


000 дозволи за привремен престој. Според ОН, по колапсот на економијата во Венецуела, повеќе од седум милиони луѓе ја напуштиле таа земја.

Меѓу мигрантите кои редовно доаѓаат на јужната граница на САД, меѓу најбројните се жителите на Венецуела.

Директните депортации во Венецуела беа објавени истиот ден кога администрацијата на Бајден донесе уште една одлука за имиграцијата, онаа за продолжување на изградбата на ѕид што го започна поранешниот претседател Доналд Трамп на границата со Мексико.

ссм/фото: архива .

Извор: МИА