Breaking News

САД по вторпат домаќини на шефови на држави од Тихиот Океан


Американскиот претседател Џо Бајден оваа недела во Балтимор ќе одржи втор состанок со лидерите на островските држави на Тихиот Океан, што е дел од американската иницијатива да се запре ширењето на кинеското влијание во стратешки важниот регион на Тихиот Океан.


За време на тридневниот состанок, САД ќе објават дипломатско признавање на два острови во Тихиот Океан и ќе ветат нови средства за инфраструктурата како подводни интернет кабли.


Бајден го одржа својот прв самит со островските држави во Белата куќа пред една година, а требаше да се сретне со лидерите на тие држави во мај во Папуа Нова Гвинеја, што беше откажано бидејќи требаше да се справи со кризата со лимитот на долгови дома што го принуди да ја прекине својата азиска турнеја.

На минатогодишниот состанок со 14 островски држави, администрацијата на Бајден вети дека ќе им помогне во борбата против кинеската „економска принуда“, а двете страни во заедничка декларација најавија зајакнување на партнерството и утврдија дека ја споделуваат визијата за регион каде што „демократијата ќе може да процвета“.


Белата куќа објави дека оваа година фокусот ќе биде ставен на приоритети како климатските промени, економскиот раст, одржливиот развој, јавното здравје и борбата против нелегалниот риболов, а САД официјално ќе ги признаат островите Кук и Ниуе.

Премиерот на Соломонските Острови, Манасех Согаваре нема да пристигне во САД.


Таа земја ги продлабочи врските со Кина, а истакнат член на администрацијата на Бајден рече дека САД се „разочарани“ од таа одлука.

Во 2022 година, Белата куќа објави дека САД ќе инвестираат повеќе од 810 милиони долари во програми за островските држави. паг/Фото: МИА архива     .


Извор: МИА