Breaking News

Русија ги обвини САД дека ги промовираат израелско-арапските врски пред мирот со Палестинците


Русија ги обвини САД дека промовираат нормализација на израелските односи со арапските земји со заобиколување на Арапската мировна иницијатива, која повикува на решение на израелско-палестинскиот конфликт пред дипломатското признавање на Израел.


Во синоќешното соопштение на рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небезња, на месечниот состанок на Советот за безбедност на ОН, Саудиска Арабија е остро критикувана, иако не се споменува по име, дека напредува кон воспоставување дипломатски односи со Израел додека презема „агресивни, незаконски дејствија“, вклучително и зголемено населување на територии кои треба да бидат дел од независна палестинска држава.


Небежња оцени дека американските напори за нормализирање на израелско-арапските односи не само што ја заобиколуваат „логиката“ на Арапската мировна иницијатива од 2002 година, која ја покрена Саудиска Арабија, туку ги попречуваат „сите перспективи за обновување на директните преговори меѓу Палестинците и Израелците“ да се постигне мир и решение, децениски конфликт врз основа на моделот на две држави.

Небежња и практично сите членки на Советот за безбедност, вклучително и САД, ја повторија својата поддршка за решение со две држави врз основа на кое Израелците и Палестинците би живееле рамо до рамо во мир.


Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд изрази поддршка за континуираните напори за нормализирање на односите на Израел со соседите и другите земји во регионот.

Насилството ескалира меѓу Израел и Палестинците откако средбата меѓу двете страни во февруари во соседен Јордан ја потврди посветеноста на претходните договори и потребата од деескалација на тензиите.


Небежња предупреди на насилни напади од еврејски доселеници, произволни апсења и невидено проширување на еврејските населби и присилно иселување на палестинските семејства, конфискација на нивниот имот, легализација на нелегални населби и кршење на статус кво во светите места во Ерусалим.

Амбасадорката на САД оцени дека продолжувањето на насилството ги уназадува мировните напори и ги повика сите страни „да се воздржат од акции и реторика кои дополнително ја разгоруваат тензијата“.


Таа, исто така, изрази загриженост поради наглото зголемување на насилството на екстремистичките еврејски доселеници врз Палестинците и предупреди дека САД се противат на проширувањето на еврејските населби што ја поткопува можноста за обединета палестинска држава.

мс/   .

Извор: МИА