Breaking News

„Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“ – регионален форум во Скопје


Коалицијата за родова еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ (EQUAPRO) организира регионален форум во Скопје со наслов „Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“.


– Настанот има за цел да ја стави родовата еднаквост во центарот на политичката дебата поврзана со процесот на пристапување во ЕУ и да овозможи форум за дискусија меѓу официјални лица на ЕУ, граѓанските организации (ГО) и владините претставници на Западен Балкан (ЗБ), кон родово одговорен процес на пристапување во ЕУ, во согласност со заложбите на Акцискиот план за родова еднаквост III на ЕУ (Gender Action Plan III), се наведува во соопштението на „Реактор – истражување во акција“.


Оттаму најавуваат дека настанот претставува одлична можност за различните регионални чинители заеднички да ги рефлектираат тековните и минати искуства во врска со унапредувањето на родовата еднаквост при процесите за пристапување кон ЕУ.

Форумот ќе овозможи вмрежување, размена на добри практики и дефинирање на конкретни акциски точки за посилно влијание, зголемена одговорност и свест за важноста на родовите заложби и родово чувствителен процес на пристапување во ЕУ за сите земји од ЗБ.


Поздравно обраќање на конференцијата ќе имаат Биби Грамсон, заменичка на амбасадорката на Шведска, Стина Магнусон Бур, раководителка на канцеларијата за Западен Балкан, Фондација Квина тил Квина, како и Тања Иванова, претседателка на „Реактор – истражување во акција“.

– Форумот е конципиран во три тематски целини,сесии, на кои панелистите ќе дискутираат на темите: родот во политички дијалог, вклучување на родовата перспектива во пристапните и други политики на ЕУ, како и на вклучување на граѓанските организации во структурите на ССА: искуства и можности, информираат организаторите.


Како панелисти ќе се обратат и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, државната секретарка од Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, како и други релевантни претставници од земјата и од регионот.

На крајот од секој панел, присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања до говорниците. бд/лв/Фото: МИА архива .


Извор: МИА