Breaking News

Регионален настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“


Институтот за демократија и Собранието на Република Северна Македонија, денеска се домаќини на регионалниот настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ кој вклучува парламентарци и стручна служба од парламентите на земјите од Западен Балкан, германскиот Бундестаг и Европскиот парламент.


Целта на настанот, како што посочуваат организаторите, е да го доближи Берлинскиот процес до пратениците и стручната служба и да иницира меѓупарламентарна и експертска дебата за улогата на парламентите на земјите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.


Настанот ќе го отворат претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Институт за демократија Марко Трошановски и амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер.

Клучно излагање на темата ќе има претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг Михаел Рот, а ќе се обратат и специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан Мануел Сарацин и пратеници од земјите на Западен Балкан.


Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес.

 Преземените обврски од страна на владите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес го доближуваат Балканот кон ЕУ преку забрзување на општото усогласување со принципите и законодавството на ЕУ.


Сепак нивното донесување и имплементација се одвива со различно темпо што го забавува напредокот на регионот.

Оттука, парламентите на Западен Балкан (пратеници и стручната служба) во претстојните две години ќе ги промовираат овие закони и политики, но и ќе бараат одговорност за непостапување по истите.


На овој начин ќе се поттикне поголема координација над овластувањата меѓу двете гранки на власта, но и помеѓу земјите во регионот за одлуки од заеднички интерес.

Главниот фокус ќе биде ставен на Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда кои се клучни области на економски развој и здрава животна средина во Западен Балкан.

Проектот е имплементиран од шест партнерски организации во земјите од Западен Балкан. Носител на проектот е Институтот за демократија (ИДСЦС) од Скопје.

Останатите партнери се Институт Алтернатива од Црна Гора, Институтот за политички науки од Албанија, Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија, Демократски институт – Косово и Мрежата на прогресивни иницијативи од Босна и Херцеговина.

Проектот е поддржан од Германското министерство за надворешни работи. са/лв/Фото: Институт за демократија .

Извор: МИА