Изразуваме загриженост што процесот на реализација на најголемата инвестиција од независноста на државата повторно се внесува во контекстот на дневно политичката агенда. Освен што изминатите денови се зголеми интензитетот на пласман на манипулативни и лажни вести, се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно финансиски последици од непостапувањето согласно позитивните законски прописи. Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови.
Жалиме што ваквите политички ставови потсетуваат на предизборниот период во 2020 кога и некои други министри изјавуваа дека нема да ги почитуваат тогашните одлуки на Управниот и Вишиот Управен Суд кои правосилно го поништија Решението на Државната Комисија за одлучување во управна постапка кое се однесуваше на барањето за дозвола за експлоатација. Мора да напоменеме дека вака срочените изјави и ставови се потенцијален доказ против државата во евентуална постапка пред Меѓународна Арбитража. Директно го загрозуваат меѓународниот имиџ на државата, која како полноправна членка на НАТО и држава која претендира да стане полноправен член на ЕУ, меѓу другото има и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведувањето на законите за домашните, но и за странските инвеститори. Цврсто сме убедени дека планираната инвестиција е во најдобар интерес на државата, нејзиниот долгорочен економски развој, и на локалните заедници. Реализацијата на овој проект е сигурно вин-вин сценарио: и економски развој, повеќе работни места, приход за граѓаните и безбедна, здрава, животна средина.
Противниците на инвестицијата манипулираат со стари технолошки податоци, недостаток на факти и застарени информации. Потенцијално штетните материи се целосно исклучени од процесот на експлоатација, ризикот од излевање е комплетно елиминиран, водата го заобиколува јаловиштето и ќе биде целосно оставена на располагање на земјоделците. Создадовме целосно нов технолошки проект, за да обезбедиме стопроцентно отстранување на сите грижи на населението и целосно безбедна и здрава околина.