Breaking News

Рама и Мелони разговарале за изградба на нуклеарна централа во Албанија


Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која пред три дена допатува во Валона, како што беше најавено на неколкудневен одмор со семејството, имала неформална средба со домаќинот Еди Рама, со кого разговарала за изградба на нуклеарна централа во Албанија, јави Евроњуз Албанија.


Според истиот извор „овој потег доаѓа бидејќи на Италија и е потребно снабдување со енергија“.


-Тоа не беше само покана што Рама ја упати до Мелони, туку беше и работна агенда која започнува не само за тоа што и треба на Италија, за да се гарантира безбедноста на снабдувањето со енергија, во текот на следните месеци.

Италија настојува да го затвори јазот создаден поради воведувањето на руските санкции.


Италија се обидува да го затвори овој јаз со создавање нуклеарна централа, јави телевизијата повикувајќи се на италијанските медиуми.

Според истиот извор, тоа не е изненадувачка идеја бидејќи „Албанија е земја блиска до Италија и земја во која може да се изгради нуклеарна централа без да има политичка и медиумска тензија од страна на италијанските граѓани и со фактот дека може да направи голема инвестиција во земја како Албанија“.


-Рама и Мелони разговарале и за политичките прашања што ги засегаат двата брега на Јадранот, присуство на италијански претприемачи, имиграцијата, војната во Украина, иднината на Албанија во ЕУ.

Разговарано беше и прашањето за подводниот гасовод на Јадранот, како и туристичкиот бум што донесе стотици илјади Италијанци на одмор во Албанија, наведуваат медиумите.


Мелони престојуваше во владината вила во Дерми, едно од најубавите крајбрежни места во Албанија, заедно со сопругот, ќерката и сестрата со сопругот. вт/рп/  .

Извор: МИА