Breaking News

Раде Кончар Сервис денес бележи 75 години постоење


Ретко која компанија може да се пофали со успешна традиција од 75 години. Три четвртини век во кој се преживува единствено поради подготвеноста за трансформација, решителноста за трајност и негување на традицијата.


Неколку пати трансформирана, надградувана и стратешки ре-позиционирана, Раде Кончар Сервис успеа да одолее на сите премрежија и да остане на врвот во својата дејност.


Раде Кончар Сервис денес бележи 75 години постоење и претставува национален лидер кога станува збор за производство и сервисирање на трансформатори. Раде Кончар Сервис е единствена компанија на Балканот и пошироко која поседува постројка за деконтаминација на трансформатори контаминирани со ПХБ. За оваа дејност е наградувана во европски рамки поради огромниот еколошки придонес.

Испорака на стандарден квалитет, подготвеност за адаптирање на потребите на пазарот, и секако вложување во човечкиот капитал се основа на кои ја темелиме нашата компанија, преку која ја градиме и неjзината иднина, истакна Владанка Трајкоска, директор на Раде Кончар Сервис.


Иднината на Раде Кончар Сервис е во непрекинатото подобрување на квалитетот и ефикасноста на производствениот процес за зголемување на постоечките капацитети, како и во инвестиции во нови технологии, автоматизација и роботика. Притоа, континуирано се работи на подигнување на нивото на производство на трансформаторите, чија моментална примена се наоѓа во фотоволтаични и хидро централи, индустријата, градежништвото, европските дистрибутивни мрежи. Целта се светските пазари со повисоки перформанси, енергетска ефикасност и еколошка издржливост.

Извор: МИА