Работилница: Се поголеми ризиците од шумски пожари и пожари на земјоделско земјиште


Се зголемуваат ризиците и заканите од шумски пожари и пожари на земјоделско земјиште поради промената на користењето на површините и климатските промени. Фреквенцијата и интензитетот на пожарите постепено растат, а местото и времето на нивна појава се повеќе варира. Ова бара подобра подготвеност, поефикасни одговори и сеопфатен, темелен преглед на политиките за управување на локално, регионално и национално ниво, беше речено на првата национална работилница „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан“ што се одржува денеска, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Како што истакна заменик-министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша во воведното обраќање, неопходно е идентификување ефективни стратегии и политики за подобро управување со пожарите.


-Свесна сум за предизвиците со кои се соочуваме за управување со пожарите и нивното разорно влијание врз заедниците, инфраструктурата и животната средина. Неодамнешните шумски пожари, посебно тие од 2017, 2019 и 2021 година што ја опустошија земјава, како и другите делови од Западен Балкан, ја нагласија итноста на ова прашање, не потсетија на важноста од ефективните пристапи за управување со пожари, од системи за рано предупредување и мерки за одговор при итни случаи за заштита на граѓаните и државата, напомена Бериша.

И вршителот на работите во Швајцарската амбасада Луциен Егертер истакна дека е неопходна подобра подготвеност и соработка, како и координација на локално, регионално и национално ниво за што поуспешно справување со пожарите.


-Во 2021 година земјите од Западен Балкан, вклучитено и Северна Македонија, се соочија со разорни пожари кои уништија многу предели и загрозија животи. Тоа покажа дека се неопходни активности за подобра превенција и подготвеност во справувањето со пожарите, како и вклучување на сите релевантни чинители на локално, регионално и национално ниво, рече Егертер.

Според тим лидерот на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, Цветан Николовски, мора да се работи на поголема соработка на регионално ниво, на подобрување на капацитетите и на поефикасни политики за управување со пожарите.


-Оваа Програма е неопходна и од заеднички интерес за зголемување на регионалната соработка за Западен Балкан подобро да се подготви за справување со ризиците и заканите од шумски пожари и пожари на земјоделско земјиште. Подобра соработка, подобри капацитети и подобри политики, се аспирациите на Програмата, подвлече Николовски.

Првата национална работилница „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан“ е поддржана од Швајцарска агенција за развој и соработка, а координирана од ФАРМАХЕМ Скопје со советодавна поддршка од Helvetas Swiss Intercooperation. мч/бак/


фото: МИА

Скопје, 30 март 2023 (МИА)