Breaking News

Рабини протестираа во ОН барајќи прекин на огнот во Газа


Повеќе од 30 рабини и нивните студенти од американските организации протестираа во Обединетите нации барајќи прекин на огнот во Појасот Газа.


Демонстрантите побараа и од администрацијата на претседателот Џо Бајден да дозволи усвојување на резолуција со такво барање наместо да стави вето во Советот за безбедност на ОН.


Протестите беа организирани од еврејски групи во САД, вклучително и Еврејски глас за мир, Евреи за расна и економска правда и „Рабини за прекин на огнот.

“На социјалните мрежи, групите објавија дека 36 рабини учествувале во демонстрациите во зградата на ОН.


Хафингтон пост објави дека на рабините им бил овозможен пристап до зградата како дел од туристичката тура. ОН повикаа на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа поради огромен број жртви во војната.

Сепак, САД ставија вето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН со тој повик, велејќи дека тоа ќе и овозможи на палестинската група Хамас да се прегрупира и обнови.


Повеќе од две третини од 193-те членки на Генералното собрание на ОН минатиот месец го поддржаа барањето за итен прекин на огнот во Појасот Газа. паг/Фото: МИА архива   .

Извор: МИА