Протест во вториот по големина град на Куба поради прекини на струја и недостиг на храна


Стотици луѓе протестираа вчеравечер во вториот по големина град на Куба – Сантијаго, пренесоа британските медиуми.


Демонстрантите извикуваа „моќ и храна“, покажаа видеата објавени на социјалните мрежи, откако прекинот на струја во многу кубански провинции достигна 18 часа на ден или повеќе.


Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел повика на „атмосфера на смиреност и мир“.

Тензиите се зголемија во оваа карипска земја во последните недели поради се поакутниот недостиг на храна, гориво и лекови. Претседателот го потврди протестот на социјалната платформа „Х“.


-Неколку луѓе го изразија своето незадоволство од ситуацијата со дистрибуцијата на електрична енергија и храна, напиша Дијаз-Канел на „Х“, додавајќи дека „партијата, државата и владата се грижат за поплаките, слушаат, разговараат и ги објаснуваат многуте напори што се прават за да се подобри ситуацијата, секогаш во атмосфера на смиреност и мир“.

Претседателот на Куба изјави и дека „терористите“ од САД се обидуваат да поттикнат нови немири. -Овој контекст непријателите на револуцијата ќе го користат за дестабилизирачки цели, рече Дијаз-Канел.


Државните медиуми на социјалните мрежи објавија дека полицијата пристигнала во Сантијаго за да „спречи насилство“.

Протестите во Куба се исклучително ретки, но почнаа да се појавуваат во последните години поради економската криза на островот.


Уставот на земјата од 2019 година им дава право на Кубанците да протестираат, но законот што поконкретно би го дефинирал тоа право е блокиран во законодавниот дом.

Групите за човекови права, ЕУ и САД го критикуваа одговорот на кубанските власти на протестите на 11 јули 2021 година, кои беа најголеми од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година.

мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА