Breaking News

Профитот на Aмазон во вториот квартал 6,7 милијарди долари, повисок од очекуваното


Американската компанија Амазон соопшти дека нејзиниот профит за вториот квартал, од април до јуни, изнесува 6,7 милијарди долари односно 65 центи по акција.


Тој резултат ги надмина очекувањата на Волстрит, кој предвидуваше профит од 30 центи по акција.


Ова е значителна промена во однос на вториот квартал од минатата година, кога Aмазон забележа загуба од две милијарди долари, односно 20 центи по акција.

Вкупниот приход на Амазон за вториот квартал се зголеми на годишно ниво за 11 отсто на 134,4 милијарди долари, додека аналитичарите од агенцијата „Рефинитив“ предвидуваа приход од 131,5 милијарди долари.


Ова е највисок приход на Амазон од четвртиот квартал на 2020 година.

Приходот од веб-услугите на Амазон (AWS) пораснаа за 12 отсто на годишно ниво на 22,1 милијарди долари, а приходот од рекламите изнесуваше 10,7 милијарди долари.


Шефот на оваа компанија, Енди Џеси, кој ја презеде функцијата од Џеф Безос во 2021 година, значително ги намали трошоците.

Бројот на вработени во Амазон на глобално ниво во вториот квартал падна за четири отсто на годишно ниво, на 1,46 милиони работници. рп/Фото: МИА архива .


Извор: МИА