Breaking News

Продолжува седницата на Надзорниот одбор на М-НАВ за промена на раководството


– Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ денеска треба да ја продолжи седницата  што ја почна вчера, а на која треба да се доенсат одлуки за промени на раководството.


Седницата следува по насоките што надзорниот одбор ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов –  да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ.


Како што најавија вчера од М-НАВ, седницата на Надзорниот одбор ќе продолжи се до комплетирање на целокупната документација, со лиценци, дозволи,. . .

за сите услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор.


По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение.

Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела. Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.


Кандидатот за нов извршен директор Хекуран Асани е вработен во „М-НАВ“ А. Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање.

Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и инструктор за областа контрола на летање  (OJTI).


  Како вработен во М-НАВ и контролор на летање, ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Кораќ, пак, е раководител-инструктор за електроенергетика во „М-НАВ“, а претходно 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника.

Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

 Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор.

По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник.

Препорака од Владата доби и Агенцијата за цивилно воздухопловство, да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.

По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за  вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк.

 лв/аа/Фото: МИА архива .

Извор: МИА