Breaking News

Продолжува благиот раст на инфлацијата во Албанија, во декември изнесуваше 4 отсто


Во Албанија продолжува благиот раст на нивото на инфлација и во декември, забележан во претходните два месеца, што е под влијание на растот на цените на храната.


Податоците на Заводот за статистика, ИНСТАТ, покажуваат дека индексот што ги мери потрошувачките цени е зголемен во последните три месеци од годината и тој во декември изнесува 4 отсто, наспроти ноември кога изнесувал 3,9 односно октомври 3,8 отсто.


-Годишната просечна инфлација во 2023 година резултираше со 4,8 отсто од 6,7 отсто колку што беше претходната година, останувајќи втора година по ред над целта на Централна банка на Албанија.

Иако рекордните цени на нафтата беа главен извор на инфлација во 2022 година, во годината што ја оставивме зад нас, најголем придонес имаат цените на храната, објави ИНСТАТ.


Според истиот извор зеленчукот и овошјето, млекото, млечните производи и јајцата, се оние кои останаа со двоцифрен раст од 10 до 30 отсто, а зголемувањето на цените продолжува и во низа други групи, каде меѓу најважните се групата мебел, бар-ресторани, забава и култура, поттикнати и од потрошувачката на туристите.

Централна банка на Албанија на први ноември ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 отсто и таа сега изнесува 3,25 отсто, поради, како што тогаш рече гувернерот Гент Сејко „кризата со цените која продолжува силно да се чувствува”.


Според него, банката предвидува во втората половина од годинава инфлацијата да достигне ниво од три отсто. вт/ссм/ .

Извор: МИА