Breaking News

Приватната високообразовна установа Универзитет Скопје доби дозвола за емитување радиопрограма за студенти


– Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на денешната 19-та седница одлучи да се одбие пријавата на Државниот универзитет Тетово (ДУТ) за учество на јавен конкурс за доделување дозвола за радиоемитување програмски сервис на албански јазик наменет за студентите, како непрофитна радиодифузна установа на локално ниво на подрачје на општина Тетово.


Констатирано било дека кандидатот не ги исполнува условите со конкурсот, а членовите на АВМУ на седницата изразија жалење што ДУТ-Тетово третпат конкурирал и повторно со неуредна документација.


Беше изгласана одлука дозвола за радиоемитување на програмски сервис на непрофитна радиодифузна установа на регионално ниво Скопје да и се додели на приватната високообразовна установа Универзитет Скопје, кој конкурирал за програма за студенти на македонски јазик.

На конкурсот, кој траел 60 дена, овој универзитет бил единствен кандидат и ги исполнил условите за добивање на дозволата.


На седницата АВМУ донесе одлуки за јавна опомена на телевизиите Алсат и Телма поради констатирани законски прекршувања утврдени при редовен надзор во мај.

ТВ Алсат во емисија од областа на здравството емитувала комерцијална презентација на болница т. е. „недозволени, прикриени аудиовизуелни комерцијални комуникации во информативна емисија“.


Кај ТВ Телма, пак, во една забавно-документарна емисија и во една образовно-информативна е констатирано пласирање производи во програма.

Јавна опомена беше изречена и за Радио Про ФМ од Гостивар – го прекршил Законот за медиуми бидејќи не ја исполнил обврска до 31 март да достави извештај до АВМУ за исполнување на обврските од програмски концепт и од дозволата за емитување.


АВМУ му даде дополнителен рок од 45 дена на гостиварското радио да го достави извештајот, а доколку тоа не го исполни, следен чекор по оваа јавна опомена е одземање на дозволата. хс/лв/   .

Извор: МИА