Breaking News

Презентација на под-грантовите активности на проектот „ЕУ за економски раст“


Во Младински Културен Центар (МКЦ) денеска почнува презентацијата на под-грантовата шема на проектот ЕУ за економски раст, каде 20 македонски компании ќе ги презентираат своите успеси кои произлегуваат од грантовата шема која вкупно изнесува речиси четири милиони евра.


-Сите дваесет компании доаѓаат од четири економски региони во Северна Македонија кои се најпогодени од ниска конкурентност, недостаток на иновации и недостаток на индустриски извозен потенцијал – североисточен, југозападен, Полог и Преспа (Општина Ресен).


Овие региони се во фокусот на проектот и сите проектни мерки се дефинирани на начин на кој ги опфаќаат најслабите алки на екосистемот, зајакнувајќи ги преку градење на капацитетите на локалните организации за поддршка на бизнисите на начин кој им овозможува да им понудат на компаниите услуги преку кои компаниите ќе градат силни економски системи базирани на локалните потенцијали, но следејќи ги светските трендови, информираат од ГИЗ Северна Македонија.

Како што посочуваат, целта на овој настан е да се доближат компаниите од регионите преку создавање на платформа за споделување на своите грантови приказни преку три сесии во кои компаниите се кластеритани според доминантните позитивни екстерналии кои ги постигнале преку грантовите (Управување со отпад, Зајакнување на конкурентноста и Ефикасна употреба на ресурси).


Грантистите ќе презентираат пред донатори и развојни агенции, орагнизациите за поддршка на бизниси и регионалните акцелератори развиени во рамки на проектот ЕУ за економски раст.

По презентациите, гостите ќе имаат можност за размена, вмрежување и изнаоѓање на синергии и потенцијални соработки.


Најавено е настанот да го отвори Стефен Худолин, раководител на Одделот за Соработка на ЕУ Делегацијата во Северна Македонија, а ќе се обратат Давид Оберхубер, директор на ГИЗ Северна Македонија и Марк Барет, проектен лидер на ЕУ за Економски раст.

ЕУ за економски раст е проект ко-финансиран од ЕУ и Германското сојузно министерство за економски работи и климатска акција, имплементиран од страна на ГИЗ Северна Македонија и АРЕА Научниот парк од Трст, Италија.


фф/аа/Фото: Принтскрин од сајтот на ГИЗ Северна Македонија .

Извор: МИА