Breaking News

Превентивно прекината работата на нуклеарната централа Кршко


Работата на нуклеарната централа Кршко превентивно ќе биде прекината поради истекување во заштитната комора во внатрешноста на централата, јавија словенечките медиуми.


Единствената словенечка нуклеарна централа објави дека е „откриено истекување во системот за примарна заштита“ и дека е неопходно исклучување за да се утврди изворот на истекувањето и да се преземат мерки за отстранување на проблемот.


Не се знае колку долго ќе трае намалувањето на моќноста до вистинското исклучување на реакторот.

Се наведува и дека истекувањето „нема влијание врз вработените, населението и животната средина“ и дека е „под вредноста поставена како ограничување со техничките спецификации“.


Работата на нуклеарната централа Кршко, која се наоѓа на околу 100 километри источно од Љубљана и во близина на границата со Хрватска, последен пат превентивно беше прекината во 2020 година, поради силниот земјотрес во Хрватска.

Изграден за време на Југославија и во употреба од 1983 година, уникатниот реактор од типот „Вестингхаус“ во Кршко покрива 20 отсто од потребите за електрична енергија на Словенија и околу 15 отсто од потребите на Хрватска.


Со центарот управуваат и двете држави.

Иако централата требаше да биде затворена оваа година, двете земји се согласија да го продолжат нејзиниот животен век за 30 години и сега разгледуваат опции за изградба на втор реактор.


мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА