Претседателот Пендаровски на средба со претставници на Специјална Олимпијада 


Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставниците на Специјална Олимпијада кои учествуваа на Светските специјални олимписки игри што минатиот месец се одржаа во Берлин при што им честиташе на нашите олимпијци за постигнатиот успех и петте освоени медали, од кои еден златен, два сребрени и два бронзени.


 -Потенцирајќи дека нивните резултати се наша национална гордост, претседателот Пендаровски им се заблагодари за достојното меѓународно претставување на државата.


Истовремено, тој изрази поддршка за активностите и ангажманот на македонската Специјална Олимпијада, којашто вреднувајќи ги спортските квалитети, придонесува за инклузија и за реализација на индивидуалните афинитети на лицата со попреченост и атипичен развој, информираат од Кабинетот на Пендаровски.

На олимпијадата во Берлин, атлетичарот Агрон Хајредини во скок во далечина од место освои златен медал, а во истата дисциплина втора беше Јулијана Петровска.


Во дисциплината пливање, Стефан Трпковски освои сребрен медал на 100 метри грбно, а Марио Мицковски бронзен медал на трката на 100 метри слободно. Јане Никодиновски освои бронзен медал во бадминтон.

На Светските специјални олимписки игри во Берлин учествуваа над 7 000 спортисти од 190 земји.


Нашата Специјална Олимпијада настапи со 19 атлети со атипичен развој во пет дисциплини: пливање, кошарка, бадминтон, атлетика и пинг-понг. вј/лв/Фото: Кабинет на Пендаровски  .

Извор: МИА