Breaking News

Премиерот на Ирска на средба со Курти: Иднината на Косово е во ЕУ и Советот на Европа


Иднината на Косово е во Европската унија (ЕУ) и Советот на Европа (СЕ) и Ирска ќе го поддржат Косово во следните чекори, изјави денеска во Приштина ирскиот премиер Лео Варадкар по разговорот со косовскиот премиер Албин Курти.


Варадкар рече дека Ирска е една од првите земји што ја признала независноста на Косово, со што се гордее, пренесува Reporteri. net.


„Со премиерот Курти сме согласни дека иднината на Косово е во ЕУ и СЕ и со задоволство ќе го поддржиме Косово оваа година да стане членка на СЕ, но и да го започне процесот на преговори со Унијата, рече Варадкар и додаде дека Косово ја покажува својата посветеност на европските вредности.

Според него, дијалогот меѓу Приштина и Белград е од витално значење за постигнување хармонија и понатамошен развој.


Варадкар истакна дека 2024 година е важна за консолидирање на стабилноста на Косово, за да не се повторат сцените на насилство од мај и септември.

Тој смета дека треба да се отстранат казнените мерки против Косово. „Сметаме дека треба да се отстранат мерките наметнати на Косово и ова е ставот што му го претставив на премиерот.


Важно е во општините да се изберат нови градоначалници и тие да бидат избрани на демократски начин“, рече Варадкар.

Курти ја обвини Србија дека го прекршила Основниот договор, односно осум од 11-те одредби од тој договор.


Според него, била побарана реакција од ЕУ, а Приштина се уште инсистира на потпишување на договорот како гаранција за почитување.

„Ние сакаме нормални односи со Србија, а нормалните односи за нас се добрососедски европски односи.

Тоа е важно за мирот и безбедноста и ја претставува нашата цел, но и нашата судбина“, рече Курти, потсетувајќи дека Основниот договор е од 27 февруари минатата година, а Анексот за имплементација е усогласен на 18 март.

паг/Фото: МИА архива     .

Извор: МИА