Breaking News

Предлог-законот за вино го помина првото читање во Собранието


Собранието денеска ја заврши општата расправа по Предлог-законот за вино и констатира дека е прифатлив, како и дека може да се даде на натамошно, второ читање.


Со овој закон, прв пат досега, се предвидува утврдување на производната цена на винското грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година, за најмалку две најзастапени сорти.


 Како што е наведено во предложениот текст, целта е заштита на интересите на производителите.

Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет согласно дадена методологија ќе ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.


-Основна цел за донесување на законот е неговото усогласување со новите правила на ЕУ и воведување нови производи: органско вино, ароматизирани вински производи.

Покрај тоа, делот на законот кој се однесува на класификација на вина, производство, означување и заштита на вина со географски назив ќе претрпи сериозни измени со цел да се усогласи со регулативите на ЕУ, а виното со потекло од Република Северна Македонија да се заштити на пазарите на ЕУ уште пред земјава да стане земја-членка.


Предложените решенија особено имаат за цел да се зголеми и олесни извозот на вино и производи од вино на пазарот на ЕУ, како најголем извозен пазар за македонско вино, стои во Предлог-законот.

 Владата, која е предлагач на законот, оценува дека актуелниот Закон за вино што моментно е во сила, не е во целост усогласен со евроските одредбите кои се однесуваат на заштита на географскиот назив и потеклото на вината, органското вино, како и ароматизираните вински производи.


-Имајќи предвид дека земјите членки на ЕУ се најголемиот пазар за извоз на вино од Северна Македонија и со цел непречено да се зголеми и олесни извозот на вино и производи од вино, се пристапи кон донесување нов закон за вино, се додава во предложениот нов текст.

Пратеникот Панчо Минов истакна дека Предлог-законот за вино кој ќе гарантира минимална откупна цена, е голем успех. -Ова е историски момент.

Со овој закон ќе бидат надминати сите досегашни проблеми на лозарите за ниските откупни цени, условувањето од откупувачите, ставањето на производителите во подредена состојба при откупот,. . .

Многу е важно и тоа што законот се носи во согласност со претставниците во Секторската група за вино и лозарство при МЗШВ, напомена Минов.

Во Собранието моментно е во тек расправата за отворање медицински факултет во рамки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. мч/аа/фото: МИА архива   .

Извор: МИА