Breaking News

Предлог-законите за борба со допингот во спортот и за основање на Медицински факултет во состав на УКЛО го помина комисискиот филтер во Собранието


Предлог на законот за борба со допингот во спортот и негово спречување и Предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола денеска го поминаа комисискиот филтер во Собранието на Северна Македонија.


На 22. седница на Комисија за образование, наука и спорт, пратениците одлучија овој предлог-закон да се проследи на понатамошна постапка во Собранието.


Предлогот на денешната расправа го образложи предлагачот, вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење, Славица Грковска.

Според предлогот, Законот за борба со допинг во спортот и негово спречување, во моментот на донесување се базира на одредбите од Европската конвенција за спречување на допинг во спортот на Советот на Европа, Меѓународната конвенција против допинг во спортот на УНЕСКО и Светскиот Анти Допинг Код од 2021 година, чии одредби стапија во сила на 1 јануари 2021 година.


 Најважната причина за донесување на Законот лежи во потребата од усогласување на законските прописи на Република Северна Македонија со основните принципи на новиот Светски Анти Допинг Код и најважните одредби кои ги операционализираат тие принципи.

 Според пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, борбата со допингот, со недозволените психотропни супстанци, со дрогата, треба да бидат висок приоритет на секое општество.


На денешната седница се расправаше и за Предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола – прво читање.

Предлагачот Ненад Коциќ од СДСМ го образложи законот по што пратениците дискутираа за основањето на факултетот.


Според предлогот, со основањето на Медицински факултет како единица во состав на Универзитетот „Св.

Климент Охридски” во Битола ќе се постигне висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат лекари, обезбедувајќи ги потребните знаења и вештини, придонес во истражување и иновации во областа на медицината, што може да вклучува нови технологии, лекови и терапии повлекување на истражувачки проекти и активности што ке придонесат кон напредокот на медицинската наука и пракса.

Натаму, создавање квалитетни здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението, а исто така, ќе се придонесе во создавањето на нов и стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието,етиката и праксата во областа на медицината.

Овие цели помагаат во изградбата на квалитетен медицински систем и обучување на лекари кои можат да одговорат на здравствените потреби на заедницата и заедно создаваат здравствен систем што не само што ке ги обучува следните генерации на лекари туку и активно ке придонесуват кон напредокот и здравјето на општеството.

Пратеничката Велика Стојкова од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека во предлогот недостасува функционална анализа од Министерството за образование и наука, во смисла дали има потребни услови, простории, кадар, капацитет.

Оценува дека несомнено дека треба да се отвори, но, според неа, не треба се избрзува за да не се дојде до ситуација да се отвори факултетот, а да нема соодветни услови.

Нејзината сопартијка Бети Стаменковска побара одложување на точката за да ги разгледаат анализите кои ги спомена пратеникот Коциќ, а се однесуваат на квалитетот на високото образование во нашата држава.

Меѓутоа, предлогот на закон потоа беше ставен на гласање и беше изгласано да се даде на понатамошна постапка во Собранието.

На дневниот ред од денешната седница беше и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија за науките и уметностите, по скратена постапка, кој не дојде на ред.

За него, претседателката на Комисијата информираше дека има 730 амандмани, и, како што рече, сѐ додека не се создадат услови ќе има прекин на расправата, а за продолжението ќе информираат дополнително.

Со изменувањата и дополнувањата на Законот се предлага усогласување на одредбите на Законот за МАНУ во делот за пресметка на платите за сите вработени, со системското решение за определување на платите за вработени со исти звања и називи на работни места во научнообразовните установи (Колективен договор за високото образование и наука, Колективен договор на УКИМ).

 Поконкретно, се предлага усогласување на Законот за МАНУ во делот за платите на вработените во МАНУ со категоријата минимална плата (како законска обврска), а по примерот на УКИМ, и следствено на тоа, се предлага усогласување на платите на научните и уметничките соработници, стручните административни соработници и на техничките помошни работници во МАНУ, со оние на наставниот кадар, ненаставниот кадар и на помошно-техничките лица на Универзитетот „Св.

Кирил Методиј“, пропишани со Колективниот договор на УКИМ.

Станува збор за усогласување на платите на вкупно 63 вработени, и тоа: 29 научни, 25 стручни административни соработници и 9 технички и помошни работници, што би имало незначителни финансиски импликации по Републичкиот буџет.

ар/нд/Фото: МИА    .

Извор: МИА