Breaking News

Предавање за Патот на свилата во КИЦ-Скопје


„Почетокот на Патот на свилата“ е насловено предавањето на Игор Радев, синолог и преведувач, што ќе се одржи вечер во Културно-информативниот центар – Скопје.


Почетоците на Патот на свилата, како трансверзала што ги поврзувала Источна Азија со Медитеранот, датираат  во првите два века од нашата ера. Тоа е епохата на кинеската династија Хан (205 п. н.


е – 220 н. е. ), која токму во овој период, како последица на нејзиниот судир со Хуните, доаѓа во засилен допир со Централна Азија и подалечните предели на Запад.

Најзаслужни се експедициите на Чжанг Чјен и Кан Јинг чија, пак, дипломатска мисија го води се до Месопотамија на прагот на Римската Империја.


-Со ваквите контакти е отворен Патот на свилата што ќе ги поврзе дотогаш регионалните патни и трговски мрежи во еден глобален систем, во чиј склоп „меѓународни“ стоки, како свилата, ќе влијаат врз економската рамнотежа на просторите од Кина до Рим, наведува КИЦ во најавата за предавањето.

Влезот за посетителите во КИЦ е бесплатен.


Предавачот Радев дипломирал класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје, магистрирал лингвистика и применета лингвистика, а докторирал кинеска филологија на Пекиншкиот Нормален универзитет во Кина.

 Има богат опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик, автор е  на бројни теоретски статии во земјата и во странство од областа на синологијата и лингвистиката, член е на Светскиот совет на синолозите, на Книжевната асоцијација на земјите од Појасот и патот и на Светската асоцијација за кинески студии при Кинеската академија за општествени науки.


Во 2021 година Радев ја добил „Кинеската награда за особен придонес во литературата“ , која е највисоко признание во НР Кина во областа на книжевноста што се доделува на странски државјанин.

хс/са/Фото: ФБ на КИЦ-Скопје  .

Извор: МИА