Breaking News

Потврдена јулската инфлациска стапка во Еврозоната од 5,3 отсто, на ниво на ЕУ инфалцијата 6,1 проценти 


Статистичката служба на ЕУ – Евростат ја потврди претходно објавената стапка на инфлација во земјите од Еврозоната за јули од 5,3 отсто, дополнително објавувајќи дека на ниво на цела ЕУ претходниот месец таа изнесувала 6,1 проценти.


На 31 јули Евростат заедно со податоците за растот на БДП за вториот квратал од годинава, објави проценка дека стапката на инфлација во Еврозоната во јули изнесувала 5,3 отсто, што претставува намалување од јунските 5,5 проценти, но не презентираше податоци и за инфлацијата на ниво на цела ЕУ.


Во сега објавените ревидирани податоци, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, потврдена е претходно проектираната инфлациска стапка за Еврозоната, додека во рамки на цела ЕУ е пресметана инфлација од 6,1 отсто, што претставува намалување од јунските 6,4 проценти.

Во јули 2022 година, стапката на инфлација на ниво на ЕУ изнесуваше 9,8 отсто.


Според ревидираните податоци, најниска стапка на инфлација во јули имала Белгија од 1,7 отсто, пред Луксембург од 2, Шпанија од 2,1, Кипар 2,4 и Данска од 3,2 проценти.

Од друга страна, највисока јулска инфлација имала Унгарија од 17,5 проценти, пред Словачка и Полска од по 10,3 отсто, Чешка 10,2 и Романија од 8,9 проценти.


Како што наведува Евростат, споредба со јуни, годишната стапка на инфлација во јули е намалена во 19 земји на ЕУ, останала непроменета во една, а забележа раст во седум членки.

Според Евростат, најголемо влијание на годишната стапка на инфлација во Еврозоната имале растот на цените на услугите за 2,47 процентни поени, пред храната, алкохолот и тутунот, кои поскапеле за 2,2 процентни поени и неенергетски индустриски стоки со раст од 1,26 процентни поени.


Од друга страна во секторот енергија е регистриран пад на цените за 0,62 процентни поени. сп/са/Фото: Евростат .

Извор: МИА