Breaking News

Потпишани договори со општини за реконструкција на локални улици


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалниците на општините Јегуновце, Желино, Центар Жупа, Зрновци, Кочани, Велес, Чашка и Дебрца денеска ги потпишале договорите за реконструкција на локални улици.


Договорите, како што информира Министерството за транспорт и врски, опфаќаат реконструкција на 14 локални улици во општините како дел од проектот за изградба и реконструкција на локалните улици и патишта, што се реализира преку Министерството за транспорт и врски во вкупна вредност од 70 милиони евра.


– Преку реконструкција на улиците и урбаниот развој на општините уште еднаш излегуваме во пресрет на граѓаните и создаваме услови за подигнување на животниот стандард.

Директно ги помагаме општините, ги подигнуваме капацитетите и сакам да истакнам дека поддршката продолжува и во следниот период, рекол Бочварски.


Според него, преку овој проект се подигнува и безбедноста во сообраќајот и се стимулира локалниот економски развој.

– Ова е проект што го реализираме преку Министерството и сакам да појаснам дека ова се улици што самите општини ги избираат, а ние само ги тендерираме и драго ми е што средствата ги алоцираме во вистинска насока, за граѓаните, изјавил Бочварски.


Во рамки на проектот, Министерството за транспорт и врски до сега реконструираше преку 180 улици во над 70 општини.

Според планираната динамика се очекува до јуни да се распишат јавни повици за реконструкција на уште 70 улици за кои општините веќе аплицираа во Министерството за транспорт и врски.


мд/аа/Фото: Министерство за транспорт и врски .

Извор: МИА